Предлогот на Министерството за финансии за издавање нова обврзница во висина од 400 милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив, под услов да се најде механизам за контрола дека парите нема да бидат злоупотребени.
На прес-конференција пред партиското седиште, потпретседателот на партијата Александар Николоски изјави дека информацијата за предлогот на Министерството до нив стасала утрово. Притоа, тој побара да биде формирано контролно тело кое секој ден ќе го следи трошењето на парите.
„Тоа задолжување оди со врзан потпис поради техничката влада. Ние сме спремни и ќе го поддржиме ова барање за еврообврзница, нема да бидеме како СДСМ, кој во 2005-2006 година, кога исто така во услови на криза, праќаше писма до директорите, па пораснаа каматите. ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи земање обврзница само доколку се формира комитет кој ќе следи на дневна основа на кој начин се трошат овие средства. Доколку се трошат за нови вработувања во администрацијата или за сомнителни бизниси на одредени членови на семејството на Заеви, тогаш секако дека нема да се согласиме,“
изјави Николоски.
Мерките за спас на економијата од ударот на коронавирусот за ВМРО-ДПМНЕ се смешни и недоволни, па Николоски излезе со неколку предлози за финансиска помош на угостителството, туризмот, транспортот и автомобилската индустрија.
„Предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон државата чија работа е поврзана или е погодена со ситуацијата. Второ, замрзнување на обврските за компаниите кон банките и заемодавателите, најмалку за март, а доколку е потребно и кризата продолжи, и за април. Трето, Владата да ги преземе обврските да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за март, а доколку продолжи кризата и за април. Четврто, државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите што се погодени во висина од 50 отсто од вкупниот трошок за вработените, односно 50 отсто од бруто плата“,
побара Николоски.
Тој ги критикуваше и мерките за превенција од коронавирусот на граничните премини. Повикувајќи се на информации од Обединетите нации, изјави дека нашата земја е ставена во групата земји кои немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други држави и побара поригорозни мерки.
Уште еднаш обвини дека СДСМ се противел на воведување кризна состојба за да може Владата во вонредна состојба да носи уредби со законска сила, а кои, како што рече, ќе се носат во корист на интересите на функционери од власта.