Вчера Мицкоски рече дека е задоволен од сработеното на локално ниво, а најави борба против апатијата во општеството
Втор ден се одржува отчетот на сработеното на градоначалниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Настанот насловен „Саем на промени што носат иднина“ почна во 11 часот, а за во 17:10 часот најавено е завршно обраќање на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
Според агендата, предвидени се шест трибини на кои ќе се дискутира за локалната самоуправа предизвиците, како и за сработеното во пет македонски региони.
Вчера Мицкоски рече дека е задоволен од сработеното на локално ниво, а најави борба против апатијата во општеството.
Мицкоски истакна дека најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина и дека тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку“.
„Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може она што е најважно да се работи чесно. Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот…И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме“,
рече лидерот на партијата, потенцирајќи дека сето тоа е постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт.