Изјавата на албанскиот премиер следува по неодамнешните наводи на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман која со нејзините забелешки по однос на прашањето на миграцијата во Парламентот го употреби изразот „инвазија” на мигранти во Англија, притоа посочвајќи ги конкретно албанските апликанти за азил
Албанскиот премиер Еди Рама упати критики до владата на Велика Британија за, како што вели, дискриминаторските забелешки упатени кон неговата земја, откако британските власти ги прозваа неговите сонародници за илегалната имиграција во Британија. Рама на ова порача дека Лондон мора да престане да ги обвинува Албанците за сопствените неуспеси во политиката.
Изјавата на албанскиот премиер следува по неодамнешните наводи на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман која со нејзините забелешки по однос на прашањето на миграцијата во Парламентот го употреби изразот „инвазија” на мигранти во Англија, притоа посочвајќи ги конкретно албанските апликанти за азил.
Зголемувањето на бројот мигранти кои со чамци го преминуваат Каналот Ла Манш е проблем за британските власти. Според официјалната статистика, Албанците претставуваат мнозинство од оние кои успеваат преку Каналот да пристигнат во Велика Британија. Неодамна беше посочено дека оваа година Каналот Ла Манш го преминале 12 илјади албански мигранти, наспроти само 20 регистрирани во 2020 година.
Во серијата објави на Твитер, Еди Рама рече дека британските власти активно ги „дискриминирале” Албанците.
„Таргетирањето на Албанците (како што некои срамно го правеа тоа кога се бореа за Брегзит) како причина за проблемите со границите и криминалот во Велика Британија е лесна реторика која ги игнорира фактите“,
смета албанскиот премиер.
„Албанците во Велика Британија напорно работат и ги плаќаат даноците. Велика Британија треба да се бори против криминалните банди од сите националности и да престане да ги дискриминира Албанците за да ги оправда своите политички неуспеси“,
додава тој.
Претходно, изјавите на британската министерка Браверман која зборуваше за „инвазија“ на мигранти, Обенинетите нации (ОН) ја оценија како ужасна.
На барањето да ги коментира термините што ги употреби контроверзната министерка, Волкер Тирк кој пред две недели беше назначен за висок комесар на ОН за човекови права, ги посочи таквите изрази како несоодветни и предупреди на дехуманизација на мигрантите.