Директорот на Регионалната полициска управа за северниот регион на Косово вели дека на северот на Косово биле испратени патроли на сообраќајната полиција од Приштина со цел да се изврши притисок врз српските полицајци да издаваат предупредувања на возачи чии автомобили имаат српски регистарски таблички
Припадниците на косовската полиција од редовите на српската заедница, кои се задолжени за северниот регион на Косово нема да издаваат предупредувања за пререгистрација до сопствениците на автомобили со српски регистарски таблички, изјави директорот на Регионалната полициска управа за северниот регион на Косово, Ненад Ѓуриќ.
Тој вели дека иако одлуката на косовската влада била испратена на извршување на регионалната дирекција Север, сепак, во претходниот период ја информирале Генералната дирекција на полицијата во Приштина и сите релевантни меѓународни политички и безбедносни претставници на Косово дека полицајците од северниот регион не можат да ја спроведат таа одлука.
„Не можеме да ја спроведеме таа одлука бидејќи е политичка и е насочена првенствено против српската заедница, на која и самите припаѓаме“,
вели Ѓуриќ.

Тој додава дека на северот на Косово биле испратени патроли на сообраќајната полиција од Приштина со цел да се изврши притисок врз српските полицајци да издаваат предупредувања на возачи чии автомобили имаат српски регистарски таблички.
„Оваа акција директно ја поткопува и маргинализира улогата на нашиот регионален директорат, кој првенствено е тука да ги заштити и да им служи на луѓето кои живеат и работат на северот на Косово, без разлика на националност и верска припадност. Ние се залагаме за целосно почитување на Договорот од Брисел, според до која е наша надлежност“,
изјави директорот на Регионалната полициска управа за северниот регион, Ненад Ѓуриќ.
Во Косово од вчера официјално стапи во сила одлуката на владата на премиерот Албин Курти, според која регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија треба да се заменат со оние што се пропишани со законите на Република Косово. Одлуката предвидува санкции за сите оние што нема да ги заменат српските со косовски регистарски таблички.
Регистарските таблички издадени од српските власти Приштина ги смета за нелегални, но досега се толерираа на северот на Косово.