Оттаму посочуваат дека вака претставениот предлог-буџет повторно алудира дека власта ќе троши неконтролирано, без да се почитуваат принципите за фискална консолидација, што е можност за корупција и криминал
Премиерот Димитар Ковачевски го проектира најгломазниот буџет и дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако министерот за финансии Фатмир Бесими го претстави Буџетот за 2023 година.
„Предлог-буџетот од 5,3 милијарди евра е економски колапс за Македонија со вакви лоши економски показатели. Дополнително, дефицитот кој е проектиран на скоро 5 отсто од БДП е опасност за економијата и одржливоста на системот. И сето тоа во услови кога растот на економијата е само 2.9 отсто. Овој најголем до сега дефицит ќе треба да се покрива со нови задолжувања кои во услови на светска криза ќе бидат по сè поголеми камати“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека вака претставениот предлог-буџет повторно алудира дека власта ќе троши неконтролирано, без да се почитуваат принципите за фискална консолидација, што е можност за корупција и криминал“.
„Власта нема ниту план како да се справува со инфлацијата која е помеѓу најголемите во Европа. Сè на сè, без план, со една цел, трошење што повеќе пари на несуштински работи, кои не носат развој“,
додаваат од најголемата опозициска партија.
Владата денеска на седница го усвои предлог-буџетот за 2023 година и наредниот период тој треба да се најде на разгледување пред пратениците. Вкупните приходи во него се планирани на ниво од 282 милијарди денари (околу 4,6 милијарди евра), а расходите се проектирани на 324,8 милијарди денари (5,3 милијарди евра). Со вакви приходи и расходи, дефицитот е проценет на 42,75 милијарди денари (700 милиони евра).