Од 1 декември со намалувањето на температурите и со зголемувањето на потрошувачката веќе ќе бидат ставени во функција трите блока во РЕК „Битола“ и капацитетот ТЕЦ „Неготино“
Согласно планот за работа се планира од 15 ноември да биде вклучен во работа и третиот блок во РЕК „Битола“. Трансформаторот за овој блок, кој се изработува во фабрика во близина на Анкара во Турција е готов, технички е испитан и е подготвен за транспорт, истакна денеска генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Тој нагласи дека трансформаторот со вкупна тежина од над 240 тони треба да се донесе до термоелектраната со специјален патен транспорт со композиција долга околу 54 метри за што се потребни специјални дозволи од Турција, Грција и од нашата земја.
„Од компанијата која го испорачува трансформаторот имаме информација дека се чека уште да се комплетира и подготви специјалната документација од Грција за да може да тргне транспортот. Тој ќе трае од 10 до 12 дена и се очекува трансформаторот да пристигне во РЕК ‘Битола’ околу 15 ноември што е 15 дена повеќе од она што го планиравме, но е во согласност со рокот за испорака кој е до 15 ноември“,
рече Ковачевски.
Како што рече директорот на ЕСМ кога ќе биде вклучен во работа третиот блок во РЕК „Битола“вториот блок ќе биде во ремонт во траење од 20 дена.
„Ние тоа ќе го направиме во моментот кога ќе биде пристигнат трансформаторот и ќе биде приклучен на системот со што блокот 3 ќе биде вклучен да испорачува електрична енергија на мрежа, а блокот 2 ќе биде исклучен за да се завршат ремонтните активност за да можат сите три блокови да бидат подготвени за грејната сезона“,
рече Ковачевски.
Тој посочи дека ЕСМ со производните капацитетите кои се сега вклучени во мрежата, а тоа се блок 2 и блок 1 во РЕК „Битола“, термоелектраната „Осломеј“ и хидропотенцијалот во целост ги задоволува потребите на „ЕВН хоум“, на „ЕВН електродистрибуција“ и на МЕПСО, како и на договорните органи кон кои испорачува енергија по препорака на Владата, односно здравствените и јавните институции и сите за кои се планира во наредниот период да бидат снабдувани од ЕСМ.
„Во прилог на енергетската криза ни одат поволните временски услови заради кои конзумот во овој период од годината е намален за 15 отсто на дневна основа. Така да ЕСМ со овие постоечки капацитети вклучени во системот за 100 отсто ги задоволува потребите на сите договорни органи кои ги имаме како испорачатели на електрична енергија. Во ТЕЦ ‘Неготино’ се прават ремонтни активности на генераторскиот дел кои треба да завршат до крајот на месецов по што со полн капацитет ќе биде ставен во функција. Со тоа од 1 декември со намалувањето на температурите и со зголемувањето на конзумот веќе ќе ги имаме ставено во функција и блок 3 и капацитетот ТЕЦ ‘Неготино’“,
прецизира Ковачевски.