Како одговор на понудите на Москва за преговори со официјален Киев, од украинското Министерство за надворешни работи соопштија дека пред да има какви било преговори, Русија мора да ги повлече сите свои војници од територијата на Украина од границите од 1991 година
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија е подготвена за преговори со своите западни колеги доколку Западот целосно ги земе предвид интересите на Русија и нејзината безбедност, како и доколку понуди сериозни пристапи кои ќе придонесат за смирување на тензиите, пренесе руската новинска агенција Тасс.
„Подготвеноста на Русија, вклучително и нејзиниот претседател, да преговара за Украина останува непроменета. Ние секогаш ќе бидеме подготвени да слушаме какви предлози имаат нашите западни партнери за деескалација на тензиите, па ако ни се пристапи со некои реални предлози врз основа на принципите на еднаквост и почитување меѓусебните интереси, насочени кон изнаоѓање компромиси и балансирање на интересите на сите земји, секако дека ќе реагираме, како што секогаш било во минатото“,
рече Лавров.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така, денеска изјави дека Путин и американскиот претседател Џо Бајден би можеле да „разговараат за руските безбедносни гаранции“.
Песков рече дека таквите преговори ќе значат дискусија за договорите што Кремљ ги подготви во декември и ги испрати до НАТО и САД. Во нив Москва бараше НАТО да не се шири дополнително, вклучително во Украина и други земји, како и да се откаже од каква било воена активност на територијата на Украина и другите земји од Источна Европа и Централна Азија.
Како одговор на понудите на Москва за преговори со официјален Киев, од украинското Министерство за надворешни работи соопштија дека пред да има какви било преговори, Русија мора да ги повлече сите свои војници од територијата на Украина од границите од 1991 година.
⚡️Kyiv called the condition for negotiations with Moscow – "Russia's immediate cessation of the war against Ukraine and the withdrawal of Russian troops outside the borders as of 1991," said speaker of the Ukrainian MFA Oleg Nikolenko responded to the statement of Sergey Lavrov.
— NEXTA (@nexta_tv) October 30, 2022
„Ако Русија навистина сака да преговара, мора да престане да ја уништува енергетската инфраструктура на Украина. Не можете да сакате да преговарате и истовремено да бомбардирате украински станбени области, да мобилизирате 300 000 резервисти и да го блокирате извозот на жито. Единствениот реален предлог би бил итен прекин на војната на Русија против Украина и повлекување на руските вооружени сили од украинските територии“,
изјави Олег Николенко, портпаролот на Министерството за надворешна политика на Украина.
Изјавите на руските претставници за можни преговори со Украина и Западот доаѓаат во пресрет на самитот на Г-20 на најголемите светски економии кој ќе се одржи во ноември на индонезискиот остров Бали, а на кој ќе присуствуваат и Бајден и Путин.