„Линиите 19, 20, 22, 52 и 54 од утре најверојатно нема да бидат функција“, најави денеска сопственикот на приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ Милорад Димитријевски кој кажа дека можниот прекин е поради неисплатен долг кон компанијата од страна на ЈСП Скопје и Град Скопје
Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ најави дека од утре во Скопје е можно да не сообраќаат на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Причината поради можниот прекин е неисплатениот долг кон компанијата од страна на ЈСП Скопје и Град Скопје кој, според сопственикот на компанијата, Милорад Димитријевски, во овој момент изнесува над 30 милиони денари.
„Поради неподмирените долгови од страна на ЈСП, се доведува во прашање нормалното функционирање на јавниот превоз. Mоменталниот долг на ЈСП кон претпријатието ‘Макекспрес превоз’ до овој момент изнесува повеќе од 30 милиони денари и овој долг секојдневно расте. Линиите 19, 20, 22, 52 и 54 од утре најверојатно нема да бидат функција“,
изјави денеска сопственикот на комапнијата Милорад Димитријевски.
Тој побара итна средба со раководството на ЈСП и градската власт и кажа дека бара исплата на долгот за август, септември и октомври, како и да се почне со редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз.
„Како што градската власт на прес-конференции побара должниците да си ги платат долговите кон ЈСП, така и ние сега бараме од градската власт да ги подмири своите долгови кон приватните превозници“,
нагласи тој.
Во спротивно, како што рече, нема да бидат во можност да го извршуваат превозот.
„Станува збор за секојдневен трошок од стотици евра што на име на гориво го имаат превозниците, а при тоа не ги добиваат парите за извршената работа. Во изминатиот период се соочивме со непријатна ситуација, дел од возилата од линиите 19 и 20 да се исклучат од сообраќај“,
вели Димитријевски.
„Макекспрес“ врши превоз на патници на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Имаат регистрирано 53 фирми и вкупно 77 возила.