Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и генералниот секретар на кабинетот на Претседателот, Миле Бошњаковски, се дел од присутните гости на денешното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија.
Во обраќањето во просториите на Клубот, Мицкоски кажа дека тој е потврда дека македонскиот идентитет, народ и јазик се константни.
„Честитки за отворениот македонски клуб, кој е потврда дека и од оваа страна на границата македонскиот идентитет, народ и јазик се константни. Добро е што застануваме сите обединети, гледам и други политички партии овде, гледам и претставник од кај претседателот на државата. За жал, не можам да видам никој од кабинетот на премиерот, што навистина претставува голем пропуст и понижување на македонскиот народ, но тоа е тоа, тие си знаат зошто тоа го прават и која е нивната цел“,
рече Мицкоски.
Тој смета дека овој настан бил шанса за обединување.
„Ова беше исклучитлено голема можност да се обединиме, да застанеме позади македонскиот народ овде, во Благоевград, да го поддржиме овој клуб, затоа што овој човек и во историјата и сега, зближувал, поврзувал, а не разделувал. Таков чекор е и овој клуб овде во Благоевград, да ги зближи Македонците во Бугарија, нека ни се множат вакви клубови насекаде во светот каде што има македонски народ“,
рече Мицкоски.
Благоевград денеска, особено околу Клубот, е под засилено полициско обезбедување.