Лидерот Ахмети рече дека министрите ја завршиле својата работа и дека нивна смена не била точка на дневен ред
Никој од ,,огнената група” не даде изјава по состанокот
Состанокот на претседателството на ДУИ вчера во Мала Речица, иако траеше повеќе од 10 часа и заврши по полноќ, не донесе конкретен епилог. По неговото завршување, лидерот Али Ахмети рече дека имало конструктивна дебата и дека именувал тројца членови што ќе го уредат извештајот за сработеното на функционерите на ДУИ. На 19 ноември ќе се продолжи со дебата на оваа тема.
Иако од „огнената група“ пред почетокот на претседателството на ДУИ рекоа дека ќе инсистираат на одговорност од претставницитр на партијата во извршната власт и ќе бараат разрешување на вицепремиерот Артан Груби, Ахмети рече дека таква точка немало на дневен ред.
„Министрите ја завршија својата работа. Не значи дека нема простор да се дадат мислења и предлози и, нормално, сите работи ќе продолжат во контекст на нормалноста. Не беше точка на дневен ред промена на министрите“,
изјави Ахмети.
На излегување од седиштето на ДУИ краток коментар даде и вицепремиерот Груби.
„ДУИ е политичка академија за сите политички парти и за целата државата“,
рече Груби.
Никој од ,,огнената група” не даде изјава по состанокот.
Вчера од претседателството на ДУИ беа избрани 16 секретари за ист број партиски секретаријати. Реорганизацијата на партијата почна откако во септември т.н. „огнена група“ побара реформи во ДУИ. По неколку средби на претседателот Али Ахмети со ограноците се одржа Централен совет на кој се избра новото претседателство, во кое дел од „огнените” добија високи партиски позиции.