Рационално ли е барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, насочено кон Европската Унија, да гарантира дека до 2030 година земјава ќе стане членка, па за возврат опозицијата да гласа за вметнување на Бугарите во Уставот? Во еден од последните јавни настапи, Мицкоски побара и резолуција на Европскиот парламент со која би се признала посебноста на македонскиот јазик, култура и идентитет. Ова беше една од темите за дебата во „360 степени“ на ТВ Алсат.
Универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања, вели дека во процесот на проширување на ниту една држава не ѝ биле дадени гаранции дека до одреден датум ќе стане членка на Унијата. Тој смета дека ќе биде тешко за опозицијата да го оправда својот став да не се внесат Бугарите и останатите заедници во Уставот.
„Темата сега веќе не е францускиот предлог, туку како да се заштитат правата на овие заедници. Од една страна, тие ќе се обидат да усвојат наратив дека ги бранат интересите на државата, но истовремено ќе бидат соочени со критика дека го попречуваат европскиот пат на Македонија и, според мене, ќе биде многу тешко да се избалансира во наредниот период. Во однос на изјавите, мислам дека и за ова прашање и за други прашања, и од опозицијата и од власта сме добивале прилично променети изјави со што можеме да заклучиме дека доследноста не е најсилната страна на македонските политичари“,
смета Наумовски.
Александар Кржаловски вели дека, суштински, и ВМРО-ДПМНЕ не е против вметнување на Бугарите во Уставот, туку дека не сака тоа да биде условено и под притисок. Тој смета дека уставните измени треба час поскоро да се направат, па доколку земјава наиде на нова блокада од Бугарија, тогаш Бугарите да се исфрлат од Уставот. Според него, со гласањето ќе се превенираат закани, уцени и корупција – што смета дека го имало со Преспанскиот договор.
„Јас сум уставни измени да има што побрзо, дури и до крајот на годинава, бидејќи можеме да ги започнеме преговорите многу порано. Не треба да заврши целиот скрининг процес, туку како завршуваме со секое поглавје од билатералниот скрининг, можеме да ги почнеме преговорите за тоа поглавје, а тоа најверојатно ќе се случи некаде март-април. Ако ги имаме донесено дотогаш уставните измени, ќе нема никаква формална пречка и да почнеме преговори по поглавја уште во април“,
вели тој.
Според политикологот Ранѓеловиќ, во овие моменти е крајно нерационално да има противења за измени во Уставот, особено ако не се нуди алтернативна стратегија.
„Во ред, нема да ги внесеме, што правиме понатаму? Едно е да му кажете на народот бараме гаранции, друго е да го убедите дека Европа и Софија ќе го прифатат тоа. Се споменува 2030 година и тие гаранции. Прво, формално, не постои механизам како да гарантирате на еден кандидат дека ќе влезе во ЕУ, но под претпоставка и дека постои, дали доколку ни дадат гаранции дека во 2030 г. ќе влеземе, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа промените? Односно, со тоа кажувате дека вие, сепак, се пазарите со Уставот, а не браните некаков национален интерес“,
вели Ранѓеловиќ и прашува и како наеднаш вметнувањето на Бугарите во Уставот стана најголем проблем како отстапка, по сите други отстапки направени во минатото.
Тројцата учесници во дебатното издание на емисијата „360 степени“ се убедени дека ќе се стигне до двотретинско мнзоинство во Собранието за измена на уставот. Прашање е кога ќе се случи тоа и под какви околности.