Александар Кржаловски од МЦМС прогнозира дека уставни измени ќе се случат брзо, ексвицепремиерот Васко Наумовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде доведена во непријатна ситуација ако и се понудат предвремени избори за да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, а политикологот Иво Ранѓеловиќ ѝ сугерира на Владата тоа да се случи во овој состав на парламентот, а веднаш по гласањето за уставни промени да има избори
Двотретинско мнозинство во парламентот за уставни измени со цел вметнување на Бугарите во Уставот ќе се случи, но прашање е кога и во какви околности. Ова е ставот на учесниците во дебатното издание на „360 степени“: Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за европски прашања, Иво Ранѓеловиќ, политиколог, магистер по компаративна политика и демократија и Александар Кржаловски, директор на невладината МЦМС.
Наумовски смета дека околу ова прашање сите политички партии ќе се пазарат, но доколку на опозицијата ѝ се понудат предвремени избори со цел да ги поддржи уставните измени, ќе биде многу незгодно ВМРО-ДПМНЕ да го оправда своето гласање.
„Опозицијата ќе биде доведена во ситуација да се повлече од својот став дека нема да гласа за Бугарите во Уставот и оние славни нотарски изјави, затоа што добила предвремени избори од страна на власта. Мислам дека, објективно гледано, шансите се некаде 50-50 за измена на Уставот во текот на мандатот на овој пратенички состав“,
рече Наумовски.
Александар Кржаловски, пак, прогнозира дека уставните измени ќе се случат набрзо, можеби и до Нова година.
„Од самоувереноста на некои политичари од власта, дури мислам дека некои од пратениците и се кандисани, односно се убедени на еден, на друг или на трет начин, каде што двата не се баш пожелни – или се закани или поткупи, зашто не верувам дека со добра волја се убедени дека е тоа добро и дека затоа би гласале. Тоа го нарушува и ова што Мицкоски го истакнува дека имало консензус во партијата и дека сите се против гласање. Значи, во прашање е трговија со своето достоинство и интегритет и ќе се сведе на тоа“,
рече Кржаловски.
Политикологот Ранѓеловиќ е убеден дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, но смета дека тоа нема да помине без драми. Тој вели дека е можно тоа да се случи и по некои избори, но ѝ сугерира на Владата тоа да се случи во овој состав на парламентот, а веднаш по гласањето за уставни промени да има избори.
„Што значи, овие неколку месеци да се отвори Уставот, штом се затвори Уставот, веднаш да одиме на предвремени избори за да се одмерат силите. Кому како тоа оди во калкулации, не навлегувам“,
предлага Ранѓеловиќ како начин да се придобие опозицијата и како „добра жртва во име на народот“.
Тројцата учесници во дебатата во „360 степени“ ги оценија како нерационални барањата на ВМРО-ДПМНЕ пред евентуално гласање за промена на Уставот, Европската Унија да даде гаранции за членство на земјава во ЕУ до 2030 година.