Македонскиот јазик е завршена работа, признаен од Обединетите нации и кодификуван со сите јазични и научни нишани и поради тоа ова прашање никој не треба ниту да го отвора ниту да го подотвора, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Договорот е потпишан на македонски јазик, нема додавки, без ѕвездички. На договорот стои чист македонски јазик заедно со сите други јазици на ЕУ, рече вчера премиерот Ковачевски

Добро е што договорот со Фронтекс се потпиша затоа што ќе биде додадена вредност во сферата на безбедноста, но сепак тој претставува еден од десетиците, ако не и стотици што Македонија на македонски јазик го има потпишано со меѓународни институции, вклучително и со Европската Унија. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го коментира Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), кој вчера беше потпишан и е прв официјален договор потпишан по отворањето на преговорите за членство на земјава во ЕУ.
„Македонскиот јазик е стекнато право, македонскиот јазик заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик уште во поранешната федерација како дел од македонскиот идентитет, како дел од идентитетот на тогаш конститутивниот народ. Македонскиот народ е дел од Обединетите нации со самиот влез на таа поранешна федерација, признаен од Обединетите нации, кодифициран 77-та, тоа е константа и мислам дека колку повеќе ја отвораме оваа тема толку е полошо за нашиот идентитет. Тоа е затворено прашање, не треба воопшто некој ниту да го отвора ниту да го подотвора. Македонскиот јазик е константа и за тоа не треба преговори и разговори“,
истакна Мицкоски.
Според него, македонскиот јазик е завршена работа, признаен од Обединетите нации и кодифициран со сите јазични и научни нишани.
Наспроти Мицкоски, вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека ова е прв официјален договор потпишан со ЕУ по започнувањето на преговорите.
„Договорот е потпишан на македонски јазик, нема додавки, без ѕвездички. На договорот стои чист македонски јазик заедно со сите други јазици на ЕУ. Тоа е ветувањето кое јас го дадов и го исполнив. Со овој договор, заеднички со Фронтекс ќе се справуваме со нелегалната миграција и ќе се соочиме со предизвиците, но од наша териотрија“,
рече Ковачевски на вчерашната заедничка прес-конференција со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Тој им упати порака и на, како што ги нарече, деструктивните сили.
„Лажеа дека ова нема да се случи, пропаднаа лагите. Граѓаните увидоа кој е веродостоен партнер и кој ќе ги изнесе на прав пат, а кој сее лаги и манипулации соо цел да ја поткопа довербата во институциите. Во ЕУ прецизно се употребува терминот македонски јазик, цело законодавтсво се преведува на македонски јазик. Тој е рамноправно застапен со сите други јазици во ЕУ. Македонскиот јазик се издигнува на врвно рамниште и овој чин не прави особено горди нас Македонците“,
рече премиерот.