Тој појасни дека со договорот, на барање на државата, може да се распоредат полициски службеници од Фронтекс на критични точки на границите, да работат со своите македонски колеги, при што сите дејствија се во содејство со македонската полиција
Со договорот со Фронтекс е создадена правна рамка преку која нашата земја ќе соработува со Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража, за заедничко зачувување на границите, за заедничко управување со границите и за заедничко спречување на прекуграничниот криминал, посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното интервју на националната телевизија.
„Јас сум многу горд што успеавме да го потпишеме овој прв договор со ЕУ, кој има повеќе значења за државата. Првото и најзаначајно што останува во историјата е дека е потпишан на македонски јазик и како прв договор, практично на дело ги покажува перспективите од отворањето на преговори со ЕУ. Горд сум што оваа Влада го внесе македонскиот јазик во официјалните јазици на ЕУ“,
подвлече министерот Спасовски.
Тој појасни дека со договорот, на барање на државата може да се распоредат полициски службеници од Фронтекс на критични точки на границите, да работат со нивните македонски колеги, при што сите дејствија се во содејство со македонската полиција.
„Покрај размена на искуства и знаење, ќе може да се користи и целата опрема на Фронтекс, а најголемата придобивка е безбедноста на нашите граѓани на регионот и на ЕУ”,
објасни министерот Спасовски.
На прашањето, зошто толку време се чекаше да се потпише договорот со еврокомесарката Јохансон и кои беа спорните моменти, односно што беше клучно за отстранување на тие спорни моменти, Спасовски одговори:
„Првичната иницијатива за договор беше покрената во декември 2016 од Европската комисија. Ја прифативме, формиравме тим за преговори, македонскиот тим разговараше и во јули 2018 со тогашниот еврокомесар Аврамопулос ние го парафиравме текстот на договорот со Фронтекс, со што бевме прва држава во регионот која целосно ги заврши преговорите. Зошто се одложи? Заради блокадата од Бугарија. Ние инсистиравме Договорот да биде потпишан на македонски јазик и не отстапивме од тоа. Беа понудени неколку формулации, но ние сакавме договорот да биде потпишан исклучиво на македонски јазик”.
Тој додаде дека заради промена на европската регулатива беше отпочнато со нов предлог договор кој беше завршен за експресно кратко време, во две рунди на разговори со ЕК.
На прашањето дали Договорот има скриени елементи, министерот Спасовски посочи дека многубројни шпекулации се појавуваат за дневно политички цели.
„Зошто одредена политичка структура секогаш кога државата треба да оди напред, се обидува да ја стопира – тоа е многу поважно прашање, историски гледано кој е тој кој постојано сака да застане на патот на државата. Не може да стане збор за никако сокривање во договорот. Како луѓе сите сме сомничави, меѓутоа овој договор треба да се ратификува во Собранието, ќе биде објавен со ‘Службен весник’, што значи секој граѓанин ќе може да го прочита, нема ништо сокриено”,
истакна министерот Спасовски.
На прашањето колку како институции и држава сме подготвени за овој договор, министерот Спасовски рече:
„Мислите ќе потпишевме договор ако нема потврда за капацитет на РСМ?! Кога реков дека отворањето на преговори не треба да биде мистерија, ова а тоа што ќе се случува – европските вредности ќе дојдат дома. Професионализамот, етичноста, интегритетот, почитувањето на човековите права се темелите на овој договор, како и соработката на македонската полиција со ЕУ, како кредибилен партнер со ЕУ, но и со САД во многу заеднички оперативни акции. Од 2015 година до денес имаме договори со билатерална акција со полициски службеници од Чешка, Хрватска, Полска, Словачка, Австрија, Унгарија, Србија, заеднички работиме на обезбедување на границите. Капацитетот и интегритетот на македонската полиција е достоен да бидеме партнери и со европските земји”,
беше дециден министерот Спасовски.