Против двајцата полицајци е започната и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и отстранување од работното место до завршување на постапката
Двајца полицајци од Скопје барале пари од граѓанин за да не му пишат казна за сообраќаен прекршок, но наместо тоа добија кривична пријава за примање поткуп.
Кривичната ја поднесе Одделот за внатрешна контрола во МВР, а според соопштението оттаму, настанот се случил пред еден месец на улицата „Димитрија Чуповски“ во Скопје каде двајцата осомничени полицајци вршеле контрола.
„Пријавените на 25.09.2022 при вршење на сообраќајна контрола, од оштетениот Г.Ј. побарале и примиле поткуп за да не извршат службено дејствие кое биле должни да го извршат, односно за да не изготват прекршочен платен налог за констатиран сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло“,
соопштија од МВР.
Покрај кривичната, против двајцата полицајци е започната и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и отстранување од работното место до завршување на постапката.