Од АД ЕСМ посочија дека овој дефект често се случува во термоелектраните и брзо се санира, а оти се очекува РЕК „Осломеј“ повторно да биде на мрежа за три дена, од 29 октомври
Поради пукната цевка, работата на РЕК „Осломеј“ е во 48-часовен прекин, информираат денеска од АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Овој дефект, додаваат оттаму, често се случува во термоелектраните и брзо се санира.
„Се очекува РЕК ‘Осломеј’ повторно да биде на мрежа од сабота, 29 октомври“,
информираат од ЕСМ.
Оттаму нагласуваат дека производството на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, односно за домаќинствата и малите потрошувачи, се одвива непречено преку другите електрани на АД ЕСМ, пред сè, како што велат, со поинтензивно производство на двата блока во РЕК „Битола“.
„РЕК ‘Осломеј’ во последните години работи со исклучително зголемен капацитет, благодарение на силните инвестиции кои беа направени во комбинатот во периодот од 2018 до 2020 година во однос на термоелектраната, опремата, човечките ресурси итн. Како резултат на тоа се забележува зголемено производство, така што заклучно со вчерашниот ден, производството од ‘Осломеј’ достигна 219 гигават-часа електрична енергија. Со тоа РЕК ‘Осломеј’ го исполни и го надмина планот за производство за 2022 година“,
потенцираат од АД ЕСМ.