Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека само Русија може да користи нуклеарно оружје во Европа.
Зеленски ги критикуваше изјавите на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во телефонските разговори со западните колеги дека Украина би можела да се подготвува да употреби валкана бомба, конвенционално оружје чие јадро е обвиткано во нуклеарен материјал, во актуелниот конфликт.
,,Ако некој може да користи нуклеарно оружје во овој дел од Европа, тоа може да биде само еден извор, а тоа е тој што му наредил на другарот Шојгу да телефонира овде-онде”, рече Зеленски во вечерната видео-порака.
Зеленски додаде дека телефонскиот рингишпил на Шојгу ја разјаснил ситуацијата.
,,Сите совршено добро разбираат. Тие разбираат кој е изворот на сите валкани работи што можат да се замислат во оваа војна”, рече украинскиот претседател.
Претходно, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во неделата телефонски разговарал со францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорну и со турскиот и британскиот колега Хулуси Акар и Бен Валас за конфликтот во Украина, соопшти руската војска.
Ова се случува првпат од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Во разговорот со Лекорну, Шојгу рекол дека ситуацијата во Украина „има тенденција на ескалација која нема да може да се контролира“, пишува во соопштението.
Тој ја пренел, како и на Акар и Валас, „својата загриженост за можните украински провокации преку употреба на ‘валкана бомба’“.
Францускиот министер во својата изјава потврди дека разговарале за рускиот страв од „украински напад со валкана бомба на нивна територија за да се префрли вината на Русија“.
Лекорну рекол дека „Франција отфрла каква било форма на ескалација, особено нуклеарна“ и ја истакнал својата решеност да „придонесе за мирно решение на конфликтот заедно со сојузниците“.
Во петокот Шојгу телефонски разговараше со неговиот американски колега Лојд Остин, по втор пат од почетокот на војната во Украина.
Шојгу разговараше со своите колеги во време кога Русија се соочува со голема украинска контраофанзива и тврди дека неколку руски региони долж границата се изложени на „значително посилно“ украинско гранатирање.