Списокот со санкции е доставен до земјите членки на Унијата и се очекува одлука за нив во текот на неделата, изјави дипломатски извор
Европската Унија собра „докази“ кои покажуваат дека Иран ги испорачувал беспилотните летала што ги користи Русија против Украина и подготвува санкции против Техеран, изјави портпаролката на Унијата, Набила Масрали.
„Сега кога собравме доволно докази, работиме на јасен европски одговор, брз и цврст“,
рече Масрали, портпаролка на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Списокот со санкции е доставен до земјите членки на Унијата и се очекува одлука за нив во текот на неделата, изјави дипломатски извор.
Претходно и Вашингтон се закани дека ќе ја казни секоја компанија или земја што соработува со иранската програма за беспилотни летала.
„Секој што спроведува активности со Иран поврзани со развој на беспилотни летала или балистички ракети или е вклучен во движењето на оружје од Иран во Русија, треба да внимава. САД нема да се двоумат да прибегнат кон санкции или да преземат акција против главните одговорни“,
рече портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
Повикувајќи се на информации од американските разузнавачки служби, портпаролот рече дека се покажало дека некои ирански дронови продадени на Русија лошо функционираат.
Според него, фактот што Русија ја снабдува Иран сведочи за огромниот притисок врз Русија по загубите во Украина и дека сега е принудена да прибегнува кон недоверливи земји како Иран за набавка на опрема.
Иран негира дека ѝ испорачувал беспилотни летала на Русија, а Кремљ соопшти дека нема информации дали се користени ирански беспилотни летала, камикаѕи-дронови, користени на 17 октомври во нападот на Киев.