Екипата на 360 степени помина од седиштето на ЈСП во Автокоманда. Во дворот немаше ниту полиција, ниту вработени, стоеше само еден полицаец на булеварот кај што се влегува накај гаражата на ЈСП. Од паркингот излегоа два двокатни празни автобуси, а на булеварот поминаа два приватни автобуси и два на ЈСП што возеа нормално со патници
Утринава беше вистински хаос на улиците во Скопје. Автобусите на ЈСП ги немаше никаде, сообраќаа само приватните автобуси. Граѓаните нервозни со часови чекаа на автобуските станици за да стигнат на работа. Губејќи надеж дека ќе дојде автобус, дел од нив беа приморани да се качат во такси.
„Требаше да стигнам од Ѓорче Петров до Бит Пазар. Чекав автобус половина час и на крај морав да се качам во такси и да платам дури 350 денари. Ова е срамота“,
вели револтираната скопјанка Марјана.
Екипата на 360 степени помина од седиштето на ЈСП во Автокоманда. Во дворот немаше ниту полиција, ниту вработени, стоеше само еден полицаец на булеварот кај што се влегува накај гаражата на ЈСП. Од паркингот излегоа два двокатни празни автобуси, а на булеварот поминаа два приватни автобуси и два на ЈСП што возеа нормално со патници.
На Бит Пазар забележавме само приватни автобуси.
Како што веќе објавивме, скопската полиција утрово привела вработен на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) поради сомневање дека од неговиот до мејловите на раководството и административната служба на претпријатието со закана дека планира да постави бомба во автобус на ЈСП поради нередовно земање на плата, информираат утрово од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Осомничениот се заканил дека бомбата ќе експлодира за време на протестот што вработените на ЈСП го најавија за денеска поради неисплатена плата за септември.
Во соопштението што утрово го испратија од ЈСП во врска со случајот се вели дека „по налог на МВР, сите возила на ЈСП „Скопје“ се повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од возилата“.
„Екипите за антитероризам се на терен и постепено возилата се вклучуваат на линија по претходна соодветна безбедносна проверка. Лицето, вработено во ЈСП, а кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР. ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието“,
стои во соопштението од ЈСП.
Вработените на ЈСП за денеска најавија протест поради неисплатена плата за месец септември.
Вчера на прес-конференција во просториите на Град Скопје, генералниот секретар на Градот Зоран Глигоров рече дека во моментов Владата, односно Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително, како што изјави тој, неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за недостигот на пари за нормално функционирање на Јавното сообраќајно претпријатие, како и за „саботирање“ на проектот бесплатен јавен превоз исто така ги обвини централната и дел од единиците на локалната власт.
Таа најави дека како една од можностите кои му стојат на располагање на Градот Скопје, под чија капа е и ЈСП, за да ги натераат институциите кои му должат пари на претпријатието да ги исплатат обврските, е да ги паркираат автобусите на ЈСП пред Владата и други институции кои, како што рече градоначалничката, ги саботираат процесите.