Политичкиот врв, на денешната лидерска средба, не донесе одлуки за евентуално свикување на распуштениот парламент, ниту за можен нов термин за одржување на изборите, како и за суспендирање на изборниот процес кој е во тек уште од 16 февруари. За тоа ќе се почека мислењето на експертите
Во вилата „Водно“ се очекува попладнево да почнат консултациите на претседателите на парламентот и на Владата, Талат Џафери и Оливер Спасовски, со експерти, главно од областа на уставното право, за модалитетите за одложување на изборите, за што пред малку постигнаа согласност партиските лидер, на средбата што ја свика шефот на државата Стево Пендаровски. Но политичкиот врв не донесе одлуки за евентуално свикување на распуштениот парламент, ниту за можен нов термин за одржување на изборите, како и за суспендирање на изборниот процес кој е во тек уште од 16 февруари. За тоа ќе се почека мислењето на експертите.
*поврзани вести: Пратениците ќе се состанат да ја поништат одлуката за самораспуштање?
Според информациите, службите во претседателскиот кабинет веќе контактираат со експерти по уставно право. Не се знае сè уште кои од нив ја прифатиле поканата да се вклучат во консултациите за излегување од правниот лавиринт што се создаде поради развојот на ситуацијата со коронавирусот која оневозможи да се реализира кампањата и да се гласа на 12 април.

Пендаровски, практично, ќе биде медијатор на консултациите, на кои засега не се предвидува учество на партиски претставници, освен на Џафери и на Спасовски, како челници на законодавната и на извршната власт.
Заев за вонредна, Мицкоски за кризна состојба
На денешната лидерска средба, како што посочија повеќето партиски лидери по нејзиното завршување, не е утврден нов термин за одржување на изборите, туку е заклучено дека одлуките за тоа ќе се носат откако ќе се создадат услови за спроведување на изборниот процес. Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на средбата настапиле со различни ставови во однос на тоа дали треба да се прогласи вонредна или кризна состојба на територијата на целата држава.
*поврзани вести: Почетокот на октомври – последен термин за распишување нови парламентарни избори
Заев информираше дека им укажал на лидерите и на претседателот на потребата за воведување вонредна состојба, за, како што рече, да може поефикасно да се донесат мерки за здравствената состојба на граѓаните, но и за економските мерки за помош на стопанството и граѓаните.
Во однос на тоа која влада ќе владее во ваква ситуација, вклучувајќи и вонредна состојба, Заев рече дека за СДСМ не е проблем да продолжи да функционира техничката влада и дека немаат политички калкулации околу ова прашање. Според него, прогласување кризна состојба на територија на цела Македонија ќе значи дека целата држава ќе стане Дебар, што според него нема да ги даде посакуваните резултати.
„Без вонредна состојба не може да се ограничи движењето на граѓаните, работењето на фирмите, да се направи ребаланс на буџетот и да се обезбедат дополнителни средства за справување со оваа криза“,
рече Заев.
Мицкоски, пак, рече дека вонредна состојба е предвидена со Уставот, но дека нема закон за таа област. За разлика од тоа, посочи, има Закон за справување со кризи. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се најдат механизми за одложување на изборите, кои ќе бидат во согласност со Уставот.
*поврзани вести: Вељаноски: Во 2016 година Уставниот суд ја поништи одлуката за распуштање на парламентот
„Имаше неуставни предлози да се свика Собранието, повикувајќи се на некои минати искуства. Од наша страна беше аргументирано дека тие минати искуства не може да се споредат со тоа што денеска е реалност во Македонија. И не само тоа, тогаш одлуката што ја носеше Собранието беше со одложено дејство. Затоа тогашниот Уставен суд донесе одлука, бидејќи Уставот не предвидува одлука со одложено дејство, туку донесена или недонесена одлука. Се случи тоа што се случи. Па Собранието мораше два пати да се враќа“,
рече Мицкоски.

Опозицискиот лидер дојде на средбата со професорката по уставно право на Правниот факултет во Скопје Гордана Силјановска-Давкова. Таа му беше противкандидатка на Пендаровски на ланските претседателски избори, а неодамна ВМРО-ДПМНЕ ја кандидираше за носител на листата во првата ИЕ, за изборите што требаше да се одржат на 12 април.
Претходно, Бујар Османи од ДУИ рече дека експертите треба да дадат мислење и за евентуална одлука да се повика Собранието, а засега таква одлука нема.