Синдикатите на ЈСП најавија дека денеска околу 15 часот ќе одлучуваат за најавата за прекинување на работата откако раководството на ЈСП претходно им вети исплата на платите за септември во текот на наредните денови
Откако добија известување од раководството на ЈСП „Скопје“ дека на вработените во претпријатието ќе им биде исплатена платата за септември во наредните денови, репрезентативните синдикати при ЈСП соопштија дека денеска околу 15 часот ќе одлучат дали ќе ја реализираат најавата за стопирање на автобускиот сообраќај.
Претходно денеска синдикатите при ЈСП најавија прекин на сообраќајот на автобусите во главниот град поради неисплатените сптемвриски плати на возачите, сервисерите и одржувачите. Тие порачаа дека доколку денеска до 14 часот не им бидат исплатени платите ќе следува прекин на работата.
Во меѓувреме, од раководството на ЈСП преку соопштение информираа дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз, а дека на вработените ќе им биде исплатена платата за септември во наредните денови.
Претседателот на Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските на Република Македонија (СРСВМ) Миќо Стојановски, во изјава за МИА вели дека во ЈСП многу долг период наназад доцни исплатата на платата, поради одредени причини. Како што рече, веќе 35 дена немаат примено плата.
„Ние во ЈСП ги сервисираме и возилата на Противпожарната бригада на Скопје и на Градот Скопје. Зголемен е и обемот на работа, меѓутоа обврските Градот Скопје кон нас перманентно со месеци и години не ги извршува. Сите одлуки на Советот на Град Скопје за зголемување на автобуски линии, за зголемување на обемот на работата ние ги почитуваме, а 60 отсто од нашите корисници се бенефицирани корисници, пензионери, ученици, студенти и ние всушност не остваруваме приход, не сме профитабилна фирма“,
додаде Стојановски.
Претходно преку писменото соопштение од раководството на ЈСП побараа централната власт и дел од општините да ги исплатат заостанатите обврски што ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници. Со тие средства, како што посочуваат оттаму, се исплаќа платата за вработените во претпријатието.
„Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“,
посочија од ЈСП.