Градоначалникот на Киев предупреди дека воздушната закана продолжува и ги повика граѓаните да останат во засолништа

Најмалку четири експлозии се слушнале во главниот град на Украина, Киев, откако се огласиле сирените за воздушен напад. Според првичните информации експлозиите биле предизвикани од беспилотни летала – а судејќи по звукот, најверојатно биле од иранско производство.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека како резултат на нападот со дрон избувнал пожар во нестанбена зграда, а исто така дека се оштетени станбени згради во централното подрачје на областа Шевченковски, јавува Би-би-си. Засега нема информации за жртви. Кличко предупреди дека воздушната закана продолжува и ги повика граѓаните да останат во засолништа.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на претседателот Зеленски, изјави дека нападите ги извршиле беспилотни летала камикази. Нападот се случи една недела откако неколку руски проектили го погодија главниот град за време на масовниот руски напад во кој загинаа 19 луѓе. Три експлозии се слушнале последователно околу 6:35, 6:45 и 6:58 по локално време. Сирените за воздушен напад се огласиле непосредно пред првата експлозија. Пред седум дена во воздушни напади врз Киев и други украински градови загинаа 19 лица, а повеќе од 100 беа повредени.
Има информации дека во нападите бил оштетен и регионот Дњепропетровск, каде бил погоден објект на енергетска инфраструктура и избувнал голем пожар.