Од СДСМ велат дека Владата и министерството за земјоделие преземаат чекори за стабилизирање и унапредување на домашното земјоделско производство. Преку Интервентниот фонд ги помогнале производителите на житни култури во набавката на вештачко ѓубриво и досега оваа мерка ја искористиле 6 815 корисници за кои е исплатена поддршка од 112,9 милиони денари.
За поддршката за земјоделците да стане уште поефикасна и уште понавремена, Владата пристапи кон нов модел на субвенционирање, кој започнува веќе следната година.
„Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ за остварено производство се заменува со нов поефикасен систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство”,
велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека се создава организиран систем каде ги ставаме сите чинители, намалувајќи ја можноста за плаќање во готово, спречувајќи ја сивата економија, односно систем кои има зголемен обем на контроли и кој гарантира поголемо производство на домашна храна.
„Во пракса тоа би значело дека земјоделците преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството би добивале основна субвенција која би се исплаќала авансно, а ќе биде наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба”,
се вели во соопштението.
Оваа субвенција би ја добивал секој земјоделец кој обработува земјоделска површина, после едногодишна култура или одржува траен насад, поднесе барање и воедно ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство.