Агенцијата за стоковни резерви троши околу 9 милиони евра, за набавка на 20 000 тони пченица, а цената која ја плаќаат за килограм оди над 6 денари поскапо од тоа што се тргува на регионалните берзи, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвини власта дека со народни пари купува пченица, по цена 25 отсто повисока од берзанската.
„Во два наврати, Агенцијата за стоковни резерви троши околу 9 милиони евра, за набавка на 20 000 тони пченица. Цената која ја плаќаат за килограм оди дури и над 26 денари за килограм. Односно над 6 денари поскапо од тоа што се тргува на регионалните берзи“,
рече Цветан Трипуновски претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека Агенцијата склучила два договори во вредност од 4,4 милиони евра и двата, за набавка на 10 000 тони пченица, едниот со фирмата „Агроглобал трејд“ ДОО Скопје, а другиот со „Кокра Е Арт“ од Тетово.
„Месец и половина подоцна, Агенцијата повторно склучува договор со фирмата „Кокра Е Арт“ од Тетово, исто така за набавка на 5 000 тони печница, овој пат за вредност од 2,1 милион евра, а само два дена подоцна склучува уште еден договор, исто така за набавка на 5 000 тони пченица во вредност од 2,2 милиони евра, овој пат со фирмата „Млин Аргулица“ од Карбинци. И во двата случаја се извршени по две набавки, вкупно 4 на број, и набавени се 20 000 тони пченица. Цената на килограм пченица во еден договор е околу 26 денари, а во трите други над 27 денари за килограм“,
рече Трипуновски додавајќи дека со ваквите договори се создаваат над 1 милион евра, пари за кои се сомнева дека ќе завршат во приватни џебови, а можеле да бидат заштедени.
Трипуновски го праша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски зошто не испреговарал пониска цена или цена приближна до берзанската и го повика да даде одговор пред македонските земјоделци во чиј џеб ќе завршат овие еден милион евра и зошто не се откупи македонска пченица.
