На состанокот со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, генералниот директор на ТЕ-ТО Скопје, Димитар Кочовски, рече дека централата работела до 1 октомври, а во моментов се прави ремонт. Планот, како што кажа, е да се набави гас на слободниот пазар и веќе во ноември ТЕ-ТО да се стави во функција. Но, посочи оти очекуваат државата да ја компензира штетата што била предизвикана на почетокот на оваа година
Ако ТЕ-ТО работи со полна сила, компаниите нема да имаат проблем со набавка на електрична енергија, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески при денешната посета на гасната централа посочувајќи дека со менаџментот на ТЕ-ТО се разговарало како заеднички да се настапи пред државата за да може да се изнајде решение за компаниите.

На состанокот, генералниот директор на ТЕ-ТО Скопје, Димитар Кочовски, рече дека централата работела до 1 октомври, а во моментов се прави ремонт. Планот, како што кажа, е да се набави гас на слободниот пазар и веќе во ноември ТЕ-ТО да се стави во функција.
Но, посочи оти очекуваат државата да ја компензира штетата што била предизвикана на почетокот на оваа година.
„ТЕ-ТО Скопје во првиот квартал од годинава го помогна енергетскиот систем во државата со 37 милиони евра, кои компанијата ги претрпе како загуба (изгубена добивка), поради што драстично се намали ликвидноста за следниот период. Сега се надеваме дека државата барем делумно ќе ја компензира оваа штета со цел да ја обновиме ликвидноста за да може централата нормално да функционира“,
истакна Кочовски.
Тој информираше и дека ТЕ-ТО минатата година покрила 20 отсто од вкупната потрошувачка на струја во државата или 30 отсто од домашното производство дошло од гасната централа.
Централата ТЕ-ТО е изградена во 2012 година, како приватна инвестиција. Основната дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус.
