Од Министерството појаснуваат дека со овој договор се предвидува интензивирање на македонско-француската соработка во одбраната. Договорот, додаваат оттаму, предвидува плодна билатерална соработка меѓу двете земји во повеќе области како меѓусебна поддршка и развој на стратегиската одбранбена политика, организација и функционирање на силите, учество во меѓународни операции, воени вежби и тренинзи, воена едукација и друго
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну денеска во Париз потпишаа договор за соработка во областа на одбраната, кој воедно е прв од ваков карактер меѓу двете земји. Од Министерството за одбрана (МО) соопштија дека овој договор следува по потпишувањето на договорот за набавка на воена опрема од француско производство.

Од Министерството појаснуваат дека со овој договор се предвидува интензивирање на македонско-француската соработка во одбраната. Договорот, додаваат оттаму, предвидува плодна билатерална соработка меѓу двете земји во повеќе области како меѓусебна поддршка и развој на стратегиската одбранбена политика, организација и функционирање на силите, учество во меѓународни операции, воени вежби и тренинзи, воена едукација и друго.
„Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Франција е во фаза на силен развој и во овој момент го доживува максимумот. Договорот ќе даде дополнителен инпут кон досегашната соработка во полето на воената обука и едукација на кадри од Армијата на престижните француски воени школи, како и можности за заеднички развој на способностите и вештините на припадниците на вооружените сили и развојот на интероперабилноста на армискиот полигон ‘Криволак’“,
истакна министерката Петровска на состанокот со Лекорну.

Како сојузници во Алијансата, потенцира Петровска, остануваме посветени во градењето на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот.
„Имаме исти предизвици и треба да најдеме заеднички решенија. Клучот за безбедна и просперитетна иднина на регионот е во демократизацијата и засилената европеизација на Западен Балкан“,
нагласи Петровска.
Францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну на средбата нагласил дека за Франција соработката со Северна Македонија е централна точка за односот со Западен Балкан, а придонесот што нашата земја го дава во НАТО и за ЕУ е особено ценет и круцијален за стабилноста на Балканот.

За време на работната посета на Франција, министерката Петровска ќе оствари средба и со директорот на Институтот за високи студии за национална одбрана на Франција, генералот Беноа Дуре, а се предвидува и средба со претставници на француската компанија МБДИ, како и со претставници на нашата дијаспора.