Поранешниот генерален секретар на Владата, на кој му се суди за злоупотреба на службената положба и перење пари, е уверен дека спорниот софтвер за определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни е функционален и ќе бара во рамките на судскиот процес, од судница да се излезе на улица и да се тестира во пракса
Тој уверува и дека не е точна тезата дека не постои одлука за набавка на софтверот. Одлука има, ја потпишал тој, и тоа според него е законски
Неколку рочишта пред обвинителката Ивана Трајчева да заврши со испитување на предложените сведоци во случајот „Софтвери“ и Драги Рашковски да почне да ја изнесува својата одбрана со докази и свои сведоци во судница, тој пред новинарите ги навести тезите со кои ќе настапува во судницата и ќе бара ослободителна пресуда.
„Нашата слободна процена е дека со ништо не е потврдено никакво кривично дело и тоа ќе го потврдиме уште еднаш“,
рече поранешниот генерален секретар на почетокот на брифингот што го одржа денеска, откако претходно околу три часа седеше на обвинителната клупа во скопскиот Кривичен суд, каде се испитуваа тројца сведоци.
Рашковски смета дека во целиот случај се извртуваат неколку клучни тези кои, всушност, тврди дека се во негова полза, а за истите докази доставило и самото обвинителство во својата листа.
„Никогаш не сме барале да ни се верува на збор. Тука е хартијата, материјалниот доказ“,
зборуваше тој пред да почне да ги покажува документите.
Според него, неточна е тезата дека не постои одлука за набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни. Одлука има, ја потпишал тој и тоа според него е законски. Немало потреба да се носи заклучок на владина седница, туку како генерален секретар имал целосно право да го направи тоа самостојно.
„Сведоци сме дека излегоа тези дека не постоела одлука за набавка на предметниот софтвер. Вие се надевам дека ќе ја прикажете самата одлука која е донесе во законски предвидена процедура и од законски предвиден орган за таа намена“,
вели ексгенералниот секретар на Владата.
Ваквиот став, на брифингот, тој го оправда со членот 40-а од Законот за Влада, а на констатацијата од новинарите дека токму овој член предвидува дека „се основа Генералниот секретаријат како стручна служба на Владата“, што би значело да функционира како помошно тело, тој остана на ставот дека не му требало никакво одобрение, туку декал имал обврска да прави анализи.
Софтверот за кој во одлуката пишува дека е за „определување просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување на казни“, вели Рашковски, бил за да се прават анализи. На нашето прашање, што потоа со тие анализи, Рашковски објасни дека ќе било потребно подолго време, на пример од една година, за да може да се направи студија на случај, а потоа таквата анализа ќе била презентирана пред Владата. Тој верува дека ова би можело да помогне да се открие вистинскиот број на сообраќајни прекршоци наспроти тие што ги регистрира полиција и смета дека со анализата и примената на ваквиот софтвер можеле да се намалат жртвите во сообраќајот и до 50 отсто.
Кога „360 степени“ ја објави првата сторија за набавката на софтвер од страна на Рашковски во март лани, што потоа и доведе до истрага и судска постапка, поранешниот генерален секретар тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“. Единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, тогаш брзо ја урна неговата теза со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Уште една теза за која Рашковски на денешниот брифинг со новинарите тврдеше дека е неточна, е дека немало технички прием и оти софтверот не бил функционален, што го тврдеше еден од вештаците кои сведочеа по предлог на обвинителството.
„Вториот документ кој ви беше предочен е записник за технички прием, со кој се докажува дека софтверот е технички исправен, предаден и е комплетно функционален. Нема да бараме од никој да ни верува на збор, туку имаме предложена комплетна реконструкција на целосна функционалност на софтверското решение со тоа што ќе избереме една локација, делница каде ќе ги тестираме функционалностите на самиот систем во живо“,
вели Рашковски.
Како место за тестирање на софтверот, тој предлага еден од булеварите во непосредна близина на судот каде се води судскиот процес против него, како што е крстосницата кај „Мавровка“.
За разлика од денешното тврдење на Рашковски, дека имало уреден технички прием на софтверот на 6 јули 2020 година, лани МВР на писмено одговори на прашањата на „360 степени“ од што можеше јасно да се заклучи дека софтверот бил прво платен, а дури потоа тестиран.
„МВР не е консултирано ниту известено за изработка на софтверот за кој прашувате пред 9 јули 2020 г. Известувањето (за тестирање н.з.) е пристигнато на 21 септември 2020 г. Во актот нè известуваат дека во периодот од 24 септември 2020 до 1 октомври 2020 г. ќе вршат тестирање на систем за мерење на просечна брзина со која се движат автомобилите во сообраќајот и тоа на следните сообраќајници: булевар ‘Партизански одреди’ и автопат Скопје-Штип“,
одговори МВР на 15 март 2021 година.
А според тендерската документација, која е јавно достапна, прво требало да има „тестирање и прифаќање функционалности“ пред софтверот да биде „пуштен во употреба“ и платен.
Рашковски денеска кажа дека е лага оти хардверските материјали за софтверите не постојат. Иако неговиот наследник на функцијата, Мухамед Зеќири, лани имаше изјава за „360 степени“ во која зборува за ова, Рашковски наведува дека потоа Зеќири направил вонреден попис и е потврдено дека набавката е реализира, но го обвинува обвинителството дека не го покажува таквиот допис од тогашниот генерален секретар.
„Има допис од Мухамед Зеќири со кој тој ја потврдува инсталацијата на таквите софтвери, го потврдува доставениот хардверски материјал и со тоа е потврдено дека таквата јавна набавка е во целост реализирана. Она што недостасува односно што ја прави постапката проблематична е што обвинителството го нема доставено во обвинителниот акт, а со тоа и до судот“,
вели Рашковски.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.
Со поднесеното обвинение, Обвинителството тврди дека Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата за тендерите за да упатуваат на конкретен патент и со учесниците во набавката комуницирал лично.
„Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17 474 137 денари (околу 284 000 евра)“,
пишува во обвинението.
Другите набавки што се дел од обвинението за кое се товари Рашковски се поврзани со софтверот за биометриска идентификација. Покрај тоа опфатени се и исплата на хонорари од кои, според Обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.
Кривичните дела за кои се гони Рашковски се злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.