Кога ги видовме извештаите дали е намален долгот во изминатиот период, дали е зголемено производството и услугата што тие ја даваат, дали се намалени трошоците, видовме дека не се. И затоа предложив на Влада веднаш да бидат разрешени директорот и целиот менаџерски тим, надзорниот и управниот одбор, вели премиерот

Менаџерскиот тим на фабриката за шински возила „Колска“ ќе биде разрешен поради неиспорачување резултати, најави премиерот Димитар Ковачевски.
„Денес имаме штрајк на вработените од фабриката ‘Колска’, меѓутоа директорот и членовите на управниот одбор ги нема. Тие треба да бидат соработниците. Ако сте директор и само доаѓате на седница на Влада без ништо да направите во вашето претпријатие, да рационализирате процес, да унапредите приходи кои ги имате, да зголемите наплата, да намалите трошоци, а единствено што знаете е да барате финансиска помош тогаш не ми треба таков директор. Јас со такви директори не сакам да работам“,
рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Ковачевски рече дека поради неиспорачување резултати побарал директорот и менаџерскиот тим на фабриката да бидат разрешени.
„Како Влада во изминатиот период имаме доделено 35 милиони денари на тоа јавно претпријатие. Финансиските средства се истрошени, работниците немаат плата. Кога ги видовме извештаите дали е намален долгот во изминатиот период, дали е зголемено производството и услугата што тие ја даваат, дали се намалени трошоците, видовме дека не се. И затоа предложив на Влада, веднаш да бидат разрешени директорот и целиот менаџерски тим, надзорниот и управниот одбор. Со оглед на тоа дека излегов од седница на Влада за да ја одржиме оваа прес-конференција, доколку е завршена, претпоставувам дека тие се разрешени и дека таму ќе има нов менаџерски тим“,
додаде Ковачевски.
Вработените од оваа фабрика денеска протестираа пред Владата барајќи исплата на заостанатите плати и решавање на проблемот со блокираната сметка на фабриката.
Тие и вчера два часа го блокираа патниот и железнички сообраќај на железничката станица во Велес. Сметката на „Колска“ е блокирана поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен во периодот од 2013 до 2017 година.