Извештајот дава објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите каде што треба да ги зголемиме напорите и да испорачаме повеќе резултати, вели Маричиќ
Од аспект на остварениот напредок, Маричиќ вели дека е задржано темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области, додека во преостанатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста, во околу 90 отсто од областите има делумна или добра подготвеност
Како земја која преговара за полноправно членство во ЕУ и земја која е во процес на скрининг, Северна Македонија доби позитивен годишен Извештај на Европската комисија за 2022, прв по отворањето на преговорите во јули оваа година, рече заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција која ја имаше заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир.

Маричиќ рече дека почетокот на пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ е признание за континуираната посветеност на државата и постигнувањата во спроведувањето на реформите, особено во кластерот „Фундаментални вредности“, каде што се оценува дека напредокот во правосудството расте, и се бара да продолжи трендот на независно и самостојно работење.
„Извештајот дава објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите каде треба да ги зголемиме напорите и да испорачаме повеќе резултати“,
рече Маричиќ.
Од аспект на вкупната подготвеност, според вицепремиерот Маричиќ, Северна Македонија сè уште стои најдобро во регионот во кластерот „Фундаментални вредности“, кој е најважен за динамиката на преговорите, но и во кластерот „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Во кластер „Конкурентност и инклузивен раст“ и кластер „Зелена агенда и одржлив развој“ сме веднаш зад Црна Гора и Србија кои веќе деценија преговараат, додека пак кај кластерот „Внатрешен пазар“ и „Надворешни односи“ сме приближно на исто ниво со овие две земји.
Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“.
Од аспект на остварениот напредок, Маричиќ рече дека задржано е темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90 отсто од областите имаме делумна или добра подготвеност.
„Ова покажува дека и покрај сите внатрешни, но и надворешни предизвици со кои се соочуваме сепак имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да биде поттик повеќе за сите нас“,
додаде Маричиќ.
Северна Македонија недвосмислено ја потврди стратегиската определба кон Унијата, во еден нов геополитички контекст, меѓу другото и со фактот што беше прва земја од регионот која се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија на Украина со постигнување на 100 отсто усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Овој чекор на дело покажува дека Северна Македонија е партнер на Унијата и имајќи ги предвид тековните предизвици со кои се соочуваме сите, би ја искористил можноста да дадам апел дека очекуваме земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување со енергија и храна“,
нагласи Маричиќ.
Она што е особено важно, според вицепремиерот Маричиќ, е констатацијата на Комисијата дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност.
„За нас овој процес мора да биде инклузивен и транспарентен, а со вклучувањето на граѓанскиот сектор и експертите во преговарачкиот процес, заедно со европските фондови кои ни се на располагање, гледаме нова можност за повеќе и побрзи реформи“,
рече тој.
Маричиќ целосно се согласува дека со национален консензус и максимално вложување на Владата како носител на преговорите, администрацијата, граѓанското општество, Собранието, бизнисите, академската заедница и сите други засегнати страни ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година, што е обврска од Меѓувладината конференција.
Маричиќ и европскиот амбасадор Гир ги анализираа дел од кластерите, а главен акцент беше ставен на работата на Собранието.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир посочи дека извештајот дава преглед за прогресот направен за имплементирање на ЕУ реформите.
„Процесот на скрининг веќе продолжи во Брисел и тоа е јасно признание за решителноста на Северна Македонија да ги спроведе реформите кои се врзани со ЕУ агендата. Земјата всушност е земја преговарач и многу е важно да се види овој извештај во тој контекст. Кога сте земја преговарач значи дека постојат одговорности, но, исто така и можности за самата земја и тоа става фокус на самата потреба да се оди напред, да се унапредат реформите и исто така препораките кои се содржани во самиот извештај“,
рече Гир.
Според него процесот на скрининг мора да оди паралелно со реформскиот процес.
„Ова не е работа само на власта, туку на сите, власта, опозицијата, локалната власт, бизнисот и обичните граѓани“,
додаде Гир.