Во препораките и резолуцијата ПССЕ повикува да се даде нов поттик на процесот на проширување на Европската унија и истовремено ги повикува земјите од Западен Балкан решително и без одлагање да се справат со отворените предизвици
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ја усвои препораката и резолуцијата за поддршка на европските интеграции на земјите од Западен Балкан, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

ПССЕ со мнозинство од 145 гласови „за“, два „против“ и четири „воздржани“ ја усвои препораката, а резолуцијата со 143 гласа „за“, три „против“ и осум „воздржани“.
Во препораките и резолуцијата ПССЕ повикува да се даде нов поттик на процесот на проширување на Европската унија и истовремено ги повикува земјите од Западен Балкан решително и без одлагање да се справат со отворените предизвици.
Во заклучоците на Парламентарното собрание на Советот на Европа се наведува дека Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот, а се повеќе луѓе од Западен Балкан, особено помладите, веруваат дека никогаш нема да се приклучат на Европската унија.
Ова на денешната средба во Стразбур го нагласија и многу пратеници од 46 земји-членки на Советот на Европа, вкупно 60 кои беа присутни во салата и кои сакаа да земат збор.
Зборувајќи во тој контекст, пратеничката и поранешна грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани предупреди дека ЕУ им отстапува простор на Кина, Русија и Иран.
„Времето за Западен Балкан истекува. Тука е Кина, тука е Русија, тука е Иран. ЕУ мора да работи веднаш“,
рекла Бакојани, пренесува МИА.
Инаку, известувач за Западен Балкан е поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, сега член на ПССЕ, кој го изготви извештајот во името на Комисијата за политички прашања и демократија на Советот на Европа.
„Додека европските изгледи слабеат, сè повеќе се забележува нова геополитизација на регионот со трети страни кои се борат за влијание и продлабочување на постоечките пукнатини“,
изјавил Папандреу појаснуваќи дека „овој тренд може да стане уште посилен бидејќи Западниот Балкан, посебно по последиците од војната во Украина, ризикува да стане простор за геополитички антагонизам кој што може да извезе нестабилност во ЕУ“.
Пратеникот на СДСМ и претседател на собраниската делегацијата Северна Македонија, Дарко Каевски на дебатата рече дека „сме горди што ЕУ нè гледа како вистински партнер и сме горди на отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ“.

„Република Северна Македонија е посилна земја од 19 јули 2022, кога беше почетокот на пристапните преговори“,
рече Каевски.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и неговата колешка од ДУИ Арта Биљали Зендели не дојдоа на ред да говорат и според правилата на ПССЕ ги приложија говорите. Николоски, во изјава за македонските медиуми рече дека во говорот ја критикува Бугарија, како и пристапниот процес на ЕУ.
„Правилото на едногласно одлучување брутално се злоупотребува од Бугарија. Затоа многу млади губат верба и ја напуштаат земјата или бараат други алтернативи. Бугарија го користи истиот потпалувачки дискурс како Владимир Путин. Путин вели дека не постојат украински јазик и нација, дека се руски. Бугарските политичари велат дека не постојат македонски нација и јазик, дека се бугарски и ако Македонија сака да напредува кон ЕУ мора да го прифати тоа“,
изјави Николоски.

Тој додал дека го повикал Советот на Европа во овој извештај „да препорача отворање на преговорите со Македонија без понатамошни одлагања и дополнителни барања“.
„Промената на Уставот на независна земја не смее да биде предуслов за пристапните преговори. Советот на Европа треба да побара од Бугарија да престане да притиска за уставни промени во Македонија и да дозволи пристапни преговори“,
изјави Николоски.
Арта Биљали Зендели за МИА изјавила дека во дебатата и тоа што се зборува во европските институции, а е нагласено и во извештајот на Папандреу, Договорот со Бугарија се смета за нешто конечно и сега ни останува само да го спроведуваме.
На дебатата за Западен Балкан немаше пратеници од Бугарија бидејќи новото бугарско Собрание се уште не е конституирано по парламентарните избори што се одржаа на почетокот на месецов.
Според паневропската асамблеја “време е Европската унија да го забрза процесот на проширување со повторно започнување на преговорите со Србија и Црна Гора, нивно воспоставување со Албанија и Северна Македонија, доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина и визна либерализација за Косово. Фокусот на овој регион не може да се остави настрана.
ПССЕ се надева дека со оваа расправа може да даде голем придонес за повторно разгорување на надежта за европска перспектива за Западен Балкан и притисок за реформи и добрососедски односи во регионот, особено преку обезбедување дополнителна платформа за парламентарниот дијалог. Како што кажа претседателот на Комисијата за политички прашања на ПССЕ Золтан Немет – „време е да се направи тоа проширување, и кога ние ќе го сватиме сериозно проширувањето и да не го оставаме во сенка на војната во Украина.“