„Три месеци ја лажат македонската јавност дека ќе предложат закон и не видовме предлози, а клубови на соседни држави кои што носат имиња на докажани фашисти се отвораат низ Македонија“, изјави Мицкоски при денешната посета на Прилеп
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот, минатата недела, денот на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, до Собранието достави нивен предлог за измени на Законот за здруженија и фондации. Истиот ден од Министерството за правда соопштија дека е формирана работна група за изготвување на нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ги повика Владата и претседателот на државата, Стево Пендаровски да дадат поддршка на предлог-измените на Законот за здруженија и фондации што опозициската партија ги достави во Собранието, со цел, како што рече денеска во Прилеп, да се стави крај на провокациите.

„Ја користам оваа прилика и до Пендаровски и до Владата да упатам апел да се поддржи законот и да се стави крај на овие провокации“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Прилеп.
Тој притоа обвини дека власта три месеци ја лажела македонската јавност за измените на овој закон.
„Три месеци ја лажат македонската јавност дека ќе предложат закон и не видовме предлози, а клубови на соседни држави кои што носат имиња на докажани фашисти се отвораат низ Македонија. Зедовме и ние предложивме и очекуваме поддршка од Владата или да кажат барем што е тоа што треба да се дополни во тој закон што не им одговара да го прифатат“,
рече Мицкоски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот, минатата недела, денот на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, до Собранието достави нивен предлог за измени на Законот за здруженија и фондации.
Истиот ден од Министерството за правда соопштија дека е формирана работна група за изготвување на нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.
Оттаму информираа дека законот ќе биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.
Во меѓувреме, додека да биде подготвени и донесени измените на законот, за да се спречат и превенираат одредени состојби, формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение.
Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на месец март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање.
Конститутивната седница на советодавното тело се одржа во средата, минатата недела во Владата.
Премиерот, Димитар Ковачевски вчера во гостување на ТВ 24 коментирајќи го формирањето на бугарски здруженија во земјава со имиња на контроверзни личности од историјата, соработници на фашизмо, како и најавите за ново здружение „Цар Фердинанд“ во Богданци рече дека новото советодавно тело треба да оцени дали одредено име може да биде користено и оти смета дека во „последниот случај треба да постапи и Централниот регистар“.
Тој рече дека за изработката на новиот закон, му сугерирал на министерот за правда Никола Тупанчески да го земе како пример германското законодавство кое во овој сегмент е поригорозно, но и со оглед на тоа што Германија е една од носечките држави во ЕУ по економските перформански, по владеењето на правото и по организирањето на внатрешниот систем.
Околу тоа која е целта на формирањето вакви здруженија, премиерот тврди дека станува збор за финансиски интерес и предизвикување нетрпение помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски во изјава за „Сител“ вчера рече дека новиот закон за здруженија и фондации ќе го реши проблемот за во иднина, но за веќе регистрираните здруженија со контроверзни имиња, шефот на државата наведува дека нивната работа може да се преиспита и според актуелниот закон.