„ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај за Ковачевски и Паунов и да не се ставаат во одбрана на криминалот, во спротивно истите се соучесници во соларниот картел тежок 26 милиони евра“, велат од опозициската партија
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска вчера во изјава за МКД.мк рече дека нема основ за покренување на постапка за судир на интереси против премиерот Ковачевски за аферата „Броило“, затоа што кога стапил на функцијата заменик-министер, Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријавил сè што поседува
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Јавното обвинителство да отворат случај за премиерот, Димитар Ковачевски и неговиот кум за аферата „Броило“, како што ја нарекоа од партијата и според која тврдат дека премиерот и неговиот кум на сомнителен начин заработиле 26 милиони евра.

„ДКСК и ЈО да се охрабрат и да отворат случај за Димитар Ковачевски и неговиот кум Паунов кои на сомнителен начин заработиле 26 милиони евра. Ковачевски и Паунов злосторнички се здружиле и 5 месеци откако антимакедонската СДС е на власт во 2017 година ја основале Пискел Груп. Во рок од една година Ковачевски и Паунов отвораат фабрика за производство на фотоволтаични панели, а преку државна помош земале 2 милиони евра, додека пак во период кога Ковачевски е заменик министер за финансии, фирмата на кумот на Ковачевски прави договор со ЕВН во вредност од над 2 милиони евра“,
стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека „аферата покажува сериозна спрега помеѓу криминалот и Димитар Ковачевски“.
„Институциите да не го оправдуваат криминалот на Ковачевски и Паунов и веднаш да отворат случај по допрен глас. Ковачевски ја користи функцијата за лично богатење, додека народот осиромашува. И самиот Ковачевски вчера во гостување на национална телевизија призна дека неговата компанија добила државни пари, што е доволен доказ дека тој свесно ја користел позицијата за лично богатење. Токму затоа ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај за Ковачевски и Паунов и да не се ставаат во одбрана на криминалот, во спротивно истите се соучесници во соларниот картел тежок 26 милиони евра“,
порачуваат од опозициската партија.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска вчера во изјава за МКД.мк рече дека нема основ за покренување на постапка за судир на интереси против премиерот Ковачевски за аферата „Броило“, затоа што кога стапил на функцијата заменик-министер, Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријавил сè што поседува.
„Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основа за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси, функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов тој не е ниту сопственик ниту управител“,
изјави Ивановска.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера ја коментираше изјавата на претседателката на Антикорупциската комисија и рече оти се надева дека нема така експресно да дејствуваат како што тоа го направија предвреме и дека сериозно ќе му пристапат на овој случај.
„Се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните, тие на времето ги викаа воени профитери, народот едвај крај со крај врзува, од први до први, компаниите се борат едвај да опстанат а некој на грбот на народот профитира, тргува со влијание. Тоа не е добро, тоа е многу лошо и тоа е лош пример за сите во државата кои што имаат такви амбиции, затоа многу внимателно нека го гледаат и ние ќе го следиме внимателно овој процес“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
По изјавата на Ивановска реагираа и од владејачката СДСМ од каде велат дека „потонаа фабрикуваните лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои со денови ги пласираа против претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред десетина дена излезе со обвинувања до премиерот Димитар Ковачевски, според кои фирми основани од него и негови семејни врски „вртат милионски суми во енергетскиот бизнис“, односно се вмешани, како што тврдат од партијата, во бизниси во вредност од 26 милиони евра.
Во текот на минатата и оваа недела од опозициската партија одржаа серија прес-конференции на кои изнесoa обвинувања за активностите на фирмите основани од премиерот Ковачевски и неговиот кум, меѓу кои и тврдења дека компаниите добивале државни тендери во износ од неколку милиони евра.
Премиерот Ковачевски минатата недела, одговарајќи на новинарски прашања, ги оцени како очаен обид обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и побара од лидерот на опозицијата Мицкоски и членовите и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа со аферата „Броило“, да му се извинат, инаку, како што индиректно најави, ќе бара одговорност од нив врз основа на законските регулативи во државава.
По обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ со заедничко соопштението излегоа и компаниите „Пиксел груп“ и „КМГ ЕОЛ квазар“ во кое најостро го осудија „секој обид за дискредитација и обид за нашата групација да се доведе во корелација со каква било политичка структура“.