На протестот, Украинците во земјава оценија дека ваквите напади уште повеќе ја челичат украинската нација и се заблагодарија до македонската Влада за воена помош што ја пружа и побараа истата да не престане, туку да се засили се до целосно ослободување на Украина

Тука сме да ви кажеме дека со тоа што го направивте денеска, со ваков терористички чин, се убивате сами себе, ја туркате својата земја кон изолација, сиромаштија и ја уназадувате. Овие ракети што денеска го убија невооруженото население во Украина, исто така, ги убиваат и вашите идни генерации.

Ваква порака испратија Украинците во земјава кои преку здружението „Лејса Украина“ денеска попладне излегоа на пред Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, а по руските ракетни напади не повеќе украински градови, меѓу кои и Киев.

„Единствено што ѝ преостанува на Русија е терор врз цивилното население. Подмолен напад врз големи украински градови, додека луѓето спиеле и утрото кога тргнале на работа, за да има што повеќе цивилни жртви, како и напад врз енергетски објекти, со цел населението да остане без струја и вода. Тоа е единствено за што сте способни, да се борите со деца и повозрасни лица кои без оружје“,
порачаа од Здружението.
Тие оценија дека ваквите напади уште повеќе ја челичат украинската нација и се заблагодарија до македонската Влада за воена помош што ја пружа и побараа таа да не престане, туку да се засили се до целосно ослободување на Украина.
Во нападите утрово, Русија истрела најмалку 75 проектили, од кои воздушната одбрана на Украина успеала да собори 41. Ваквите напади убија најмалку 11 лица, а над 60 се повредени.
„Светот уште еднаш го виде вистинското лице на терористичка држава која го убива нашиот народ. Не само на бојното поле, туку и во мирните градови. Русија е земја која го крие своето крваво и криминално јадро и целта на зборовите за мир. Ова докажува дека ослободувањето на целата наша земја е единствената основа за мир и безбедност“,
напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на Твитер.
Руските воздушни напади врз Украина денеска ги осудија и претставниците на Европската Унија, НАТО и Советот на Европа, како и дел од лидерите на европските држави и САД, а лидерите од Г-7 закажаа вонреден состанок.
Нападите ги призна и рускиот претседател Владимир Путин, а истите следуваат два дека откако се случи експлозијата на клучниот мост што ги поврзува Крим и Русија за којашто Москва го обвини Киев за тероризам.
