Овој контроверзен закон кој беше донесен пред две години од кинеските власти предизвика масовни протести во Хонгконг поради стравот дека со него дополнително се поткопуваат човековите права и слободи

Петмина тинејџери добија до три години притвор во Хонгконг бидејќи се залагале за соборување на владата во Пекинг.
Ова е првпат контроверзниот Закон за национална безбедност да се применува на суд за тинејџери и лица помлади од 18 години.
Кинеската власт го воведе законот во 2020 година што ѝ овозможи полесно да ги гони демонстрантите. Тоа му олесни на Пекинг да отстрани од улиците многумина активисти, меѓу кои и голем дел од политичката опозицијата.
Во случајот со тинејџерите, тие беа обвинети дека ги користеле социјалните мрежи и уличните штандови за да пропагираат „крвава револуција“ за уривање на кинеската држава.
„Дури и ако едно лице е поттикнато, стабилноста на Хонгконг и безбедноста на жителите можеа да бидат многу оштетени“,
рече судијата Квок Ваи-кин.
Тој како олеснителна околност ја наведе возраста и незрелоста на тинејџерите поради што и ги осудил на притвор за млади луѓе – наместо да одат во затвор, да бидат во т.н. центар за обука.
Судијата им ја ограничи должината на притворот на најмногу три години, но колку долго тој ќе трае односно дали ќе заврши порано останува да одлучат властите.
Тинејџерите се на возраст од 16 до 19 години и се припадници на група што се залага за независност на Хонгконг. Во случајот се опфатени и двајца возрасни, за кои казната ќе биде позната наредниот месец.
Овој контроверзен закон кој беше донесен пред две години од кинеските власти предизвика масовни протести во Хонгконг поради стравот дека со него дополнително се поткопуваат човековите права и слободи. Законот наложи централната власт во Пекинг да формира канцеларија за национална безбедност во Хонгконг која има задача да ги сузбива активностите за субверзија на државната власт, тероризмот, сепаратизмот и заговорите со странските сили.
Истиот беше гласно критикуван од демократските земји, а според анализите на Универзитетот Џорџтаун, досега „благодарение“ на законот Пекинг уапсил најмалку 110 лица.