Мостот е клучен за поврзувањето на Крим со Русија, а свечено го отвори рускиот претседател Владимир Путин во 2018, четири години по анексијата на полуостровот. Во војната што во февруари годинава ја започна Москва против Украина, пак, тој беше користен за руските сили да пренесат воена опрема, муниција и персонал на боиштата на украинската територија

Три лица загинаа во експлозијата на мостот Креч кој ги поврзува Русија и Крим, соопшти рускиот истражен комитет кој најави дека ќе спроведе криминалистичка истрага.
Се верува дека жртвите биле патници во автомобил кој бил во близина на камионот кој експлодираше околу 6 часот утринава, а од што се запалија цистерни со гориво во возот што во тој момент поминувал таму.
„Телата на две од жртвите, маж и жена веќе се извлечени од водата и се утврдува нивниот идентитет“,
велат од рускиот комитет.
Според достапните информации во медиумите, истражителите пронашле детали за камионот што експлодираше и за неговиот сопственик – станува збор за возило регистрирано во јужниот руски регион Краснодар и сега во тек е претрес на неговиот дом.

Мостот Креч е клучен за поврзувањето на Крим со Русија, а свечено го отвори рускиот претседател Владимир Путин во 2018, четири години по анексијата на полуостровот. Во војната што во февруари годинава ја започна Москва против Украина, пак, тој беше користен за руските сили да пренесат воена опрема, муниција и персонал на боиштата на украинската територија.
Мостот важи за еден од „симболите на руската моќ“, но по експлозијата утринава се урна во делот за патниот сообраќај, додека во делот за железнички сообраќај претрпе помали штети. Меѓутоа, руските власти уверуваат дека во железничкиот дел може да се направат поправките и уште од вечерва да се обнови сообраќајот со возовите.
„Во моментов е извршена примарна процена на состојбата на инфраструктурата во железничкиот дел од мостот на Крим за тоа дали е можно да се дозволи премин на воз“,
соопштија од руското Министерство за транспорт.
На прашањето кој е одговорен за експлозијата, досега се појавија неколку теории во јавноста – од операција на украинските специјални сили, до „дело“ на партизаните на Крим, ракетен напад, па се до теорија дека експлозијата е предизвикана од бомбаш самоубиец.

Во реакцијата што ја објави украинското Министерство за одбрана, експлозијата на мостот ја споредува со потонувањето на воениот руски брод во април годинава.
„Два озлогласени симболи на руската моќ во украинскиот Крим паднаа. Што е следно?“,
прашаа украинските власти.
Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер порача:
„Крим, мостот, почеток. Се што е нелегално мора да биде уништено, сè што е украдено мора да се врати во Украина, сè што е окупирано од Русија мора да биде протерано“.
Од Москва, пак, се огласи рускиот претседател Владимир Путин кој нареди истрага, а портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека експлозијата ја покажува терористичката природа на настанот.