ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето за предвремени парламентарни избори, но во услови на криза одлучивме да водиме поинаква политика – политика на решенија наместо на конфронтации со власта, рече лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Според Мицкоски, изборите остануваат приоритет за него и неговата партија, но проценката им е дека во моментов граѓаните имаат други приоритети.

„Ценам дека во овие тешки моменти како политичари и како луѓе не треба да бидеме надвор од реалноста, бидејќи реалноста е тешка и мачна за нашите сограѓани, донесовме одлука да имаме поинаков пристап. Да бидеме пред се хумани. Ќе сочувствуваме со луѓето и ќе се понудиме со нашите решенија и политики да им олесниме“,
изјави Мицкоски.
Притоа, вели тој, не подадовме рака на Владата, туку на граѓаните и државата и додава дека пред состанокот со премиерот и владиниот тим за состојбите во енергетиката, претходеле средби на опозицијата со стопанските комори, на кои констатирале дека бизнисот и компаниите имаат проблеми.
„Кога гледате дека живеете во општество со многу пробелми, да продолжите да го политизирате тоа општество дополнително, оценивме дека не е многу умен потег“,
рече Мицкоски.

На прашањето дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа дека изборите ќе се одржат во редовниот термин напролет 2024 г., Мицкоски вели дека не се помируваат со тој факт и дека ќе продолжат со стратегија за обезбедување мнозинство за распуштање на Собранието.
„Цениме дека оваа влада не нуди решенија за проблемите и час поскоро треба да замине. Тоа сум го кажал во многу наврати, дека предвремени парламентарни избори се нужност. Затоа што, ако овие продолжат таму каде што се, Македонија продолжува да губи. Начин да се дојде до предвремени избори е парламентот да се самораспушти – најмалку 61 пратеник да гласаат за распуштање на парламентот. Треба да работиме да обезбедиме такво мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ нема 61, коалицијата што ја предводи има 44, значи недоставуваат уште 17 пратеника. И тоа како стратегија стои, ние продолжуваме во таа насока и затоа честопати велам дека се што ќе направиме во периодот што е пред нас, ќе биде политика на одговор, политика на решенија. А не гола политика, примитивна – политика со која ние ќе велиме бело, а тие црно, па ќе се конфронтираме“,
порача Мицкоски.