Според експремиерот Петков, партијата на Борисов нема проблем да коалицира со силно националистичките формации, па затоа тој смета дека меѓу можните коалициски партнери, покрај ДПС, се и популистите од Преродба
Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на Продолжуваме со промените (ПП), Кирил Петков, порача дека ГЕРБ како победник на вчерашните парламентарни избори треба да ја формира идната бугарска влада.
Ваквиот порака тој ја испрати во првото интервју по првичните резултати од гласањето според кои ГЕРБ на Бојко Борисов е прва политичка сила со околу 5 отсто повеќе освоени гласови од ПП.
Во интервјуто за БНТ, Петков вели дека е задолжително тие да формираат нова влада бидејќи во спротивно ќе испадне дека користат една реторика дека знаат да воведат ред во хаосот и ги даваат сите нивни ветувања, а од друга страна не сакат да преземат политичка одговорност.
„Продолжуваме со промените ќе биде во позиција на конструктивна опозиција. Ние нема да коалицираме со ГЕРБ и ДПС, ние сме доследни. Првата политичка сила треба да сноси голема одговорност“,
рече Петков.
Покрај со ДПС, која им е прва опција на ГЕРБ, експремиерот смета дека Борисов би можел да направи коалиција и со националистичката Преродба бидејќи веќе еднаш коалицирале со таква партија.
„ГЕРБ еднаш коалицираше со Атака, очигледно тие немаат проблем со силно националистичките формации. Со сите овие можни комбинации кои ги имаат, би било неодговорно првата политичка сила да не формира влада. Не е лесно, но тоа е одговорноста да се биде победник“,
вели Петков.
За настапот на неговата партија во парламентот, пак, тој појасни дека нивните пратеници нема да се спојат со пратеници од друга партија за да формираат една пратеничка група, како што е на пример Демократска Бугарија со која беше во владина коалиција.