Во случај на прогласување вонредна состојба, не би имало пречки за свикување на распуштениот парламент.
Свикување на парламентот и поништување на одлуката за негово распуштање… Тоа, според информации на „360 степени“, е една од опциите за одложување на изборите што се разгледува во политички кругови откако повеќето лидери изразија подготвеност за „замрзнување“ на изборниот процес поради развојот на ситуацијата со коронавирусот.
Ова се очекува да биде едно од сценаријата што ќе се разгледува на утрешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски. На средбата ќе бидат поканети и техничкиот премиер Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој единствен би имал мандат да закаже седница на Собранието, кое се распушти на 16 февруари. Потоа Џафери би требало да го повлече решението за распишување на изборите. Тој изјави вчера дека од правен аспект е многу тешко да се одложат изборите, ама, како што рече, треба да се разгледаат сите аспекти на ситуацијата и во преден план да се стави јавното здравје.
Другата варијанта, според размислувањата во политички кругови, е да се оди само на одложување на изборите на одредено или на неодредено време, без поништување на одлуката за распуштање на парламентот. На таков начин би се ставил во мирување изборниот процес, кој е до стигнат до половина, односно тој нема да треба да се враќа од почеток кога ќе се создадат услови за одржување на изборите. Но во таков случај би се прекршил уставниот рок од 60 дена од распуштањето на парламентот до одржување на изборите.
Сепак, според информациите, како ќе се одвива ситуацијата во врска со одложувањето на изборите и очекуваното свикување на распуштениот парламент зависи и од заклучоците од попладневната седница на Советот за безбедност. Премиерот Спасовски, во изјава за ТВ 24, посочи дека засега не е разговарано за прогласување вонредна состојба во земјава. Сепак, рече дека треба да се видат насоките од седницата на Советот за безбедност. Во случај на прогласување вонредна состојба, не би имало пречки за свикување на распуштениот парламент.
И пред претходните парламентарни избори во 2016 година земјава се соочи со ситуација на одложување на предвремените избори и поништување на одлуката за распуштање на Собранието, како и на решението за распишување на изборите, потпишано од тогашниот спикер Трајко Вељаноски. Изборите што требаше да се одржат на 24 април, па на 5 јуни, се реализираа дури на 11 декември 2016 година. Тогаш за одложување на изборите интервенираше и Уставниот суд и тоа на иницијатива на Џафери, во тоа време како координатор на пратеничката група на ДУИ.
Само што тогаш причините за одложување на изборите беа од поинаква природа. За разлика од тогашната политичка криза, сега земјава е соочена со кризата со коронавирусот која е закана на глобално ниво. Освен тоа, тогашното одложување на изборите, во два наврати предизвика враќање на политичката влада на ВМРО-ДПМНЕ (само без Никола Груевски на нејзино чело) и реизбор на техничката влада во септември 2016 – сто дена пред гласањето што конечно се реализира на 11 декември таа година.