Прашан дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник, Џафери на денешната средба со новинарите рече дека нема такво известување до него и оти официјалниот статус е „пратеници на ДУИ“
Вчера градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ги објави новите в.д. директори на неколку јавни скопски претпријатија на местото на претходните од ВМРО-ДПМНЕ кои или поднесоа оставки или беа разрешени од функциите во изминатиот период, а меѓу нив се и две имиња на членови на ДУИ – Саид Саид и Зухејр Реџепи
Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека засега брои 64 пратеници.
Прашан дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник, Џафери на денешната средба со новинарите, рече дека нема такво известување до него и оти официјалниот статус е „пратеници на ДУИ“.
„Сечие право е да си го искаже својот статус како пратеник и во тоа има слобода. Нема известување. Официјалниот статус е пратеници на Демократската унија за интеграција“,
рече претседателот на Собранието.
Џафери не сакаше да ги коментира случувањата во неговата матична партија ДУИ откако група членови преку писмо во јавноста побараа промени во партијата и го обвинија Артан Груби дека води кадровска политика по свое.

„Ако е за партијата, јас стојам на страна на партијата. Јас сум вложил во создавањето на тој субјект“,
рече тој.
Во саботата истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и двајца пратеници, заменик-министер и двајца градоначалници, преку јавно писмо побараа од лидерот Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“.
Тие го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.
Ден потоа Ахмети порача дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без него.
Според Ахмети, оваа реакција не е нешто ново и внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој инсистирал веќе 20 години.
Но, вчера градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска ги објави новите в.д. директори на неколку јавни скопски претпријатија на местото на претходните од ВМРО-ДПМНЕ кои или поднесоа оставки или беа разрешени од функциите во изминатиот период, а меѓу нив се и две имиња на членови на ДУИ – Саид Саид и Зухејр Реџепи.
Како што објави Телма се работи за членови на крилото во ДУИ познато како „огнена група“ која неодамна со отворено писмо побара промени во партијата.
Така, Саид Саид, претходно вработен во „Паркови и зеленило“, ќе го раководи ЈП „Улици и патишта“, додека на чело на „Паркови и зеленило“ доаѓа Зухејр Реџепи. И додека Саид е непознат за јавноста, Реџепи е син на поранешниот поглавар на исламската верска заедница Сулејман Реџепи.