Шведската национална телевизија СВТ објави дека сеизмолозите снимиле подводни експлозии во близина на гасоводот Северен тек во последните 36 часа. Експлозии се регистрирани во непосредна близина на местото каде што дошло до истекување на гас.
„Нема сомнеж дека се работи за експлозии. Првата експлозија е снимена вчера во 02:03 часот, а втората вечерта во 19:04 часот“,
вели Бјорн Лунд, предавач по сеизмологија на Шведската национална сеизмичка мрежа, SNSN.
СВТ пренесува дека едната од експлозиите била со јачина од 2,3 степени, слично на забележлив земјотрес, а бил регистриран на мерните станици низ државата.
„Можете јасно да видите како брановите отскокнуваат од дното кон површината. Нема сомнеж дека се работи за експлозија“,
вели Лунд.
СВТ ги има добиено координатите на измерените експлозии и тие се во истата област каде што се регистрирани истекувања на гас.
„Многу е блиску до координатите регистрирани од Шведската поморска управа. Што се однесува до најсилната експлозија, таа е оддалечена шест километри“,
додава Лунд, кој смета дека нивните мерења обично имаат грешка од два до три километри.
Последен пат сличен сеизмолошки настан е регистриран во областа во 2016 година. Според Лунд, тоа не е област што вообичаено се користи за вежби на одбраната.
„Обично добиваме информации за експлозии што се случуваат под вода, но понекогаш не ги добиваме. За овој случај не добивме никакви информации. Информациите за експлозиите се проследени до вооружените сили“,
додава тој.