Во ТЕЦ „Неготино“ утрово е ставен во функција првиот котел и тој веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот производството треба да се искачи до 85 мегавати
Ковачевски вели дека постојано е во разговори со премиери и претседатели на други држави со цел да може да се најде најсоодветното снабдување со енергенси, а преговори се водат и со држави кои се финансиски побогати и кои ги пласираат своите средства во Европа, а тоа се државите од Блискиот Исток
Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите производствени капацитети, уверува премиерот Димитар Ковачевски.
„Веќе се работи на оспособување на блокот три во РЕК ‘Битола’, а ставен во функција е и ТЕЦ ‘Осломеј’. Во ТЕЦ ‘Неготино’ утрово е ставен во функција првиот котел и тој веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот тоа треба да се искачи до 85 мегавати. Веќе тимови на експерти, во кои се вклучени и универзитетски професори, работат на пуштање на вториот котел на ТЕЦ ‘Неготино’“,
објаснува Ковачевски.

Што се однесува до затоплувањето на Скопје, Ковачевски вели дека тука има два дела на кои се работи.
„Едниот е за затоплување на градот Скопје затоа што БЕГ не беше во можност да го прави тоа, Градот Скопје одби да се занимава со таа комунална услуга и затоа државата донесе одлуки кои ќе значат преземање на затоплувањето на Градот Скопје од страна на нов оператор, а тоа е ЕСМ која веќе има добиено лиценци“,
нагласи Ковачевски.
Второто прашање, според него е обезбедување на гас за работа за ТЕ-ТО, односно за когенеративната централа.
„За тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави со оглед на енормното високо ниво на цената на природниот гас заради војната во Украина и штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветни извори на снабдување со гас тогаш нормално дека ќе бидат информирани сите страни и граѓаните“,
рече премиерот.
Според него, Владата е во тек со цените на енергенсите и во светло на сите претпоставки ги носи потребните одлуки и ги води преговорите.
„Енергетскиот совет на претседателот на владата имаше состанок на кој се донесоа одредени одлуки кои ќе бидат разгледувани на влада“,
најави Ковачевски.
Како влада, додава тој, работиме да обезбедиме непречено снабдување со топлинска енергија на Градот Скопје и тоа по цени кои се соодветни за граѓаните.
„Државата ги субвенционира цените на парното греење. Во тоа можеа сите да се уверат кога дојдоа оние сметки без вкалкулирана субвенција од државата кои подоцна беа сторнирани. Сега има уште поголем проблем што цената на гасот е десет пати зголемена во однос на она што го имавме на крајот на минатата и почетокот на оваа година, меѓутоа верувајте дека тоа што ни е обврска го правиме секојдневно“,
нагласува премиерот.
Ковачевски додава дека постојано е во разговори со премиери и претседатели на други држави со цел да може да се најде најсоодветно снабдување со енергенси.
„Разговараме со сите земји. Со Србија имаме разговори кои ги водиме и од таму го чекаме одговорот бидејќи се работи за гас кој што потоа би бил користен во когенеративната централа, а во исто време Србија би се снабдувала од неа со дел од произведената електрична енергија. Во разговорите со Бугарија малку е посложена ситуацијата затоа што таму немаат Парламент, а нивното законодавство е прилично лимитирано за продавање на вишоци на електрична енергија, мора да го прават тоа преку берза. Исто така, разговараме и со Турција и сме на добар пат да обезбедиме снабдување со базна енергија“,
рече Ковачевски.
Премиерот уверува дека постојано се работи на ова прашање, а рече дека и вицепремиерот за економски прашања кој е во Брисел, каде што има процес на преговори и скрининг, состаноците ги користи и за адресирање на прашања во однос на енергетиката.
Ковачевски нагласи дека во решавањето на енергетската криза многу значаен дел е финансирањето на сето ова бидејќи ако се зголемени цените 10 пати тогаш потребни се и финансиски средства кои се поголеми од тоа што било планирано.
„Веќе имаме обезбедено финансиска конструкција и денеска има некои одлуки кои ќе се носат со билатерални кредитори. Очекувам и со ММФ многу скоро да се завршат преговорите и да ја имаме и таму договор. Меѓутоа, ќе водиме преговори и со други држави кои се финансиски побогати и кои ги пласираат своите средства во Европа, а тоа се државите од Блискиот Исток. Така што Министерството за финансии и на тоа работи“,
потенцираше премиерот.
Тој, исто така, рече дека во оваа работа нема политика и дневно политички поени и апелираше до опозицијата да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ со кои треба да се набави електрична енергија за потребите на регулираниот пазар.