Според вицепремиерот овој договор е чекор кон подобро управување со границите и управување со нерегуларната миграција што е заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија
Преговорите за Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, се завршени и наскоро ќе се потпише овој важен договор, на македонски јазик, а во присуство на еврокомесарката за внатрешни работи, Јохансон, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според Маричиќ овој договор е чекор кон подобро управување со границите и управување со нерегуларната миграција, што, како што потенцира, е заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија, како што беше докажано во минатите времиња, особено за време на мигрантската криза во 2015 година.
Во воведно излагање на денешниот објаснувачки скрининг состанок за поглавјето 24-Правда, слобода и безбедност, пред претставниците на Европската комисија, вицепремиерот Маричиќ посочил дека областа на правда, слобода и безбедност е од особено значење со оглед на растечката рамка на заеднички правила за прашања како што се граничната контрола, визи, надворешна миграција, азил, полициска соработка, борба против организираниот криминал, борба против тероризмот, соработка во полето на дрогата, царинската соработка и судската соработка во кривичното и граѓанското право.
„Професионалната, доверлива и ефикасна полициска организација е од огромно значење во преговорите со Унијата. Политиките за миграција и управување со границите се исклучително важни и нивниот развој влијае на насоката на социо-економскиот развој на земјата, како и насочувањето и контролата на мерките што се преземаат за заштита на безбедноста на земјата и граѓаните“,
рекол Маричиќ.
Во однос на постигнувањата во изминатиот период на полето на борбата против организираниот криминал, Маричиќ рекол дека Северна Македонија на оперативно ниво учествува во голем број заеднички активности со земјите-членки на ЕУ и соседните земји, напоменувајќи дека државава има на располагање широк спектар стратешки документи, кои се засноваат на релевантни стратегии на ЕУ во повеќе области.
„Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал континуирано презема активности за меѓуинституционална координација и размена на податоци и информации помеѓу сите инволвирани институции, со што ги поддржува активностите што ги преземаат во сузбивање на организираниот и сериозен криминал“,
заклучил Маричиќ.
Од СЕП најавуават дека утре продолжува објаснувачкиот состанок за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“, на кој Европската комисија, пред македонските и албанските преговарачки тимови, ќе го презентира новиот корпус на ЕУ acquis донесено во периодот по 2018/2019 година.