На конференцијата на тема „Заштита и зајакнување на синдикалните и работничките права во јавниот сектор“ лидерот на ССМ, Дарко Димовски, ги информира претставниците од европските синдикати дека поради игнорантскиот однос на Владата кон претставници на работниците во последните пет месеци, социјалниот дијалог во државата не функционира и тоа е една од причините поради која има застој во колективното договарање во оваа дејност
За усогласување на платите во јавниот сектор и генералниот штрајк во секторот, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска доби поддршка од Европскиот синдикат за јавен сектор – ЕПСУ, Европската конфедерација на полициски синдикати – ЕУРОПОЛ и Европската асоцијација на воени синдикати – ЕУРОМИЛ.
На конференцијата на тема „Заштита и зајакнување на синдикалните и работничките права во јавниот сектор“, која се одржа денеска во Скопје, лидерот на ССМ, Дарко Димовски, се заблагодари за синдикалната солидарност искажана кон Сојузот и кажа дека ССМ во текот на оваа година е сериозно посветен на положбата на работниците во јавниот сектор.

„Се залагаме за стручна, компетентна и ефикасна јавната администрација која посветено ќе работи во интерес на потребите на граѓаните, но притоа исто така се залагаме и за обезбедување на пристојна работа и целосно остварување на работничките права на вработените во овој важен сектор“,
посочи тој.
Димовски ги информираше претставниците од европските синдикати дека поради игнорантскиот однос на Владата кон претставници на работниците во последните пет месеци, социјалниот дијалог во државата не функционира и тоа е една од причините поради која има застој во колективното договарање во оваа дејност.
„Исто така, видлива е заложбата на ССМ и синдикатите од јавниот сектор здружени во ССМ за подобрување на економско-социјалната положба на работниците од јавниот сектор во текот на оваа година. Владата не го испочитува законот и на вработените за кои е надлежна не им ги зголеми платите поради што ССМ, заедно со целиот јавен сектор стапи во штрајк кој трае веќе три месеци. Штрајкот ги дава посакуваните резултати на локално ниво се склучуваат Колективни договори за зголемување на платите на локално ниво како и во јавните претпријатија и дел од министерствата, но за жал не и во најголем дел на министерствата и управата за кој е надлежна владата која сè уште одбива да ги зголеми платите и со тоа да им помогне на работниците да ја надминат оваа економска криза“,
нагласи Димовски.
Претседателот ССМ заклучи дека Сојузот останува на висината на задачата, докрај да се бори за зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор.