Во просториите на Министерството за транспорт и врски, како што најавуваат оттаму, на 28 септември ќе се одржи и стручна расправа со јавна презентација на Урбанистичкиот план за гасоводот
Во Министерството за транспорт и врски денеска се одржа јавна расправа по урбанистичкиот план за подрачја и градби од државно значење, односно за интерконективниот гасовод меѓу С Македонија и Грција.
Како што соопштија од министерството целта на јавната расправа била да се запознае широката јавност за планираната траса на интерконективниот гасовод што ќе не поврзе со Република Грција, а учествуваа претставници од инвеститорот – Национални Енергетски Ресурси (НЕР), планерите и проектантите на трасата и преtставници од Министерството за транспорт и врски.

Претходно, Урбанистичкиот план за изградба на интерконективниот гасовод беше јавно достапен за увид на широката јавност и јавно презентиран во електронска форма на веб-страните на Министерството за транспорт и врски, општините Неготино, Демир Капија, Богданци и Гевгелија и во хартиена форма во просториите на гореспомeнатите институции.
Во просториите на Министерството за транспорт и врски, како што најавуваат оттаму, на 28 септември ќе се одржи и стручна расправа со јавна презентација на Урбанистичкиот план за гасоводот.
„Владата и ресорните министерства остануваат посветени на изградба на гасоводоната мрежа во Република Северна Македонија со цел алтернативно снабдување со гас и економски развој на земјата“,
велат од Министерството за транспорт и врски.
Енергетските проекти на С Македонија и Грција кои се од стратегиско значење беа во фокусот на средбата меѓу премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Киријакос Мицотакис, која се оддржа на 13 септември.
„Двајцата премиери констатираа дека интерконекторот со Грција заедно со терминалот за течен гас (ЛНГ) во Александрополи не се само економски, туку и проекти од стратегиско значење. Премиерите ги потврдија и заложбите согласно планираното, најдоцна до средината на 2024 година да имаме снабдување со гас од Грција“,
беше наведено во соопштението од средбата.
Премиерите заклучија дека стратегиските проекти се од голема важност за долгорочната енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.
