Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно најавија дека во наредниот период партиските органи ќе заземат став за понатамошните релации со Арсовска, а лидерот Христијан Мицкоски рече дека советниците ќе продолжат „како и досега“, односно дека ќе го поддржат секој проект што е за доброто на Скопје, без разлика дали го предлага актуелното мнозинство или Арсовска, а нема да гласаат за тие проекти што не се во насока на добрите политики
Односите со ВМРО-ДПМНЕ ни се одлични, но не и со поединци кои работат за лични интереси, е дел од коментарот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, откако утрово од нејзиниот кабинет стигнаа информациите дека ги разрешила од функциите генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински – двајцата кадри од оваа партија.
„Нашите односи со ВМРО-ДПМНЕ се одлични. Односите со поединци од ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат да тераат лични интереси може и да не се толку добри“,
кажа Арсовска пред медиумите откако „упадна“ на прес-конференција што ја закажа разрешениот Перински.
Откако таа обвини дека Градот бил „држен во мрак“ и не бил информиран во врска со тендерот за пречистителна станица, за евентуалната понатамошна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката рече дека ако борбата против вакви работи е причина некој да отповика поддршка – слободно нека го направи тоа. Меѓутоа, на советниците им порача дека се таму за интересот на скопјани.
„Тие таму треба да гласаат во интерес на скопјани. Граѓаните се важни тука. Ниту една партија не е важна, нема ниту еден поединец што е поважен од волјата на луѓето и од програмата што луѓето ја имаат избрано на овие избори. Доколку одлучат дека не сакаат проектите за скопјани да ги поддржуваат таму, одговорноста е кај нив. Одговорноста не е кај градоначалникот. Секој си одговара за сопствените постапки“,
истакна градоначалничката.
Арсовска истакна дека високо ја цени поддршката што ја доби од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и дека ниту со партија ниту со кој било член од партија не може да ѝ се наруши она што го има и на она на кое е работено за да се добие програмата што беше изгласана од граѓаните.
„Доколку поединци сметаат дека тоа не е во нивни интерес, нормално е да го кажат пред граѓаните и пред народот“,
додаде таа.
На прашањето дали лидерот на партијата е поединецот за кој говори Арсовска, таа не даде конкретен одговор туку кажа:
„Личните интереси се нешто што луѓето треба да си го надминат прво пред себеси, понатаму пред граѓаните и да сфатат зошто сме на овие позиции на кои што сме. Ние сме на овие позиции да работиме за граѓаните“
рече градоначалничката.
Во однос на понатамошното функционирање на советот на Град Скопје чие мнозинство е предводено од ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска кажа дека не верува оти советниците во нивните гласови се етикетираат по некој што работи за една или за друга политичка опција, туку повторно кажа дека сите треба да работат во интерес на граѓаните.
„Сите оние предлози во Градот Скопје кои што биле добри за скопјани, кои што немаат политичка заднина, а ниту еден предлог кој што бил доставен од страна на Градот Скопје до советот нема политичка заднина биле гласани од сите советници таму. Јас не верувам дека советниците во нивните гласови се етикетираат по некој кој што работи за една или за друга страна. Тие треба да ја кренат својата рака и да дадат поддршка за секој еден проект кој на скопјани ќе им овозможи подобро утре. Тоа е на нивната совест“,
заклучи таа.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно најавија дека во наредниот период партиските органи ќе заземат став за понатамошните релации со Арсовска, а лидерот Христијан Мицкоски рече дека советниците ќе продолжат „како и досега“, односно дека ќе го поддржат секој проект што е за доброто на Скопје, без разлика дали го предлага актуелното мнозинство или Арсовска, а нема да гласаат за тие проекти што не се во насока на добрите политики.
Во коментарот за Арсовска, пак, рече дека понекогаш има моменти кога очекувањата не се такви какви што сте биле и патиштата се разединуваат.
„За мене е важно Скопје да се развива и затоа поддржавме независен кандидат. И во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се такви какви што сте ги имале, и од едната и од другата страна. И тогаш едноставно патиштата во животот може да ви се разотидат на различни страни. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да биде вистинскиот, а тоа е Скопје да биде метропола онаква каква што заслужува да е и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Градот Скопје така ќе продолжиме да делуваме“,
рече Мицкоски.