Поранешниот главен командант на Армијата на република Српска денеска е хоспитализиран откако нагло му се влошила здравствената состојба. Информацијата, ја потврди неговиот син Дарко Младиќ за агенцијата АФП. Тој во телефонски разговор им кажал дека поранешниот генерал веќе една недела е хоспитализиран поради нарушена здравствена состојба. Најпрвин бил во цивилна болница во Хаг, а од четвртокот е пренесен во затворската здравствена установа во Меѓународниот суд во Хаг.
„ Неговата здравствена состојба е лоша. Овде во Србија имаме спремен тим на лекари кои би можеле да го прегледаат, но се уште не знаеме дали ќе добиеме дозвола за тоа. Ќе бараме таква дозвола“,
изјавил Дарко Младиќ за АФП.
АФП, за здравствената состојба на Младиќ побарале одговор и од судот но од таму, службите одговориле дека не можат да коментираат за здравствената состојба на уапсениот бидејќи се работи за доверливи информации.
Инаку, Ратко Младиќ е поранешен начелник на генерал-штабот на Војската на Република Српска, војска на босанските Срби, во текот на граѓанската војна во Босна и Херцеговина од 1992-1995, а во моментов е затвореник во Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, Холандија, каде издржува доживотна казна.