Со едноминутно молчење започна церемонијата по повод дваесет и првата годишнина од терористичките напади во Њујорк, кога два киднапирани авиони се урнаа во кулите близначки на Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 г.
Роднините и пријателите на загинатите и исчезнатите лица, но и итните служби кои на тој ден беа во Њујорк и Пентагон се собраа на меморијалните места.

Потпретседателката на САД, Камала Харис и нејзиниот сопруг, Даг Емхоф, се приклучија на церемонијата пред Националниот споменик на 11 септември во Њујорк, но согласно традицијата, ниту една политичка личност нема оддржува говор на церемонијата на нулта точката.

Американскиот претседател Бајден ја одбележа 21-годишнината од нападите на официјална церемонија во Пентагон, каде што положи венец.

Денешната церемонија се одржа нешто повеќе од една година откако САД одлучи да стави крај на војната во Авганистан која САД и нивните сојузници ја започнаа како одговор на терористичките напади.
Бајден истакна дека дури и откако САД го напуштија Авганистан, неговата администрација продолжила да ги гони одговорните за нападите од 11 септември. Минатиот месец беше објавено дека во тајна операција САД го убиле Ајман ал Завахири, водачот на Ал Каеда кој помогнал во планирањето на нападите.
„Никогаш нема да заборавиме, никогаш нема да се предадеме. Нашата решеност да спречиме нов напад врз САД е непоколеблива. Кон вас, сите кои бевте директно засегнати и инволвирани во нападите, имаме еден неверојатен, неверојатен долг“,
кажа Бајден.
Во нападите загинаa вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се исчезнати. Во овој збир не се вклучени загинатите 19 терористи. Жртвите во најголем дел биле граѓани на САД, а останатите се од 79 други земји. Според подоцнежната истрага, околу 16.000 луѓе биле во опасната зона на Светскиот трговски центар во моментот на нападите. Околу 92% од нив навремено се евакуирале и преживеале. Терористичките напади предизвикале огромни економски штети, отштетните побарувања од осигурителните компании достигнале вкупен износ од 20,7 милијарди долари, а акциите на њујоршката берза изгубиле во вредност 1,2 трилиони долари.
