Во истрагата спроведена досега надлежните органи прибрале информации дека засега од неутврдени причини патничкиот воз удрил во задниот дел од товарниот воз, кој бил запрен на тој дел од пругата поради можна неисправност
Откако вчера заврши истрагата на местото на тешката железничка несреќа кај Рајиќ, недалеку од Новска, денеска се врши вештачење на железничката инфраструктура.
Во несреќата загинаа машиновозачот и кондуктерот на патничкиот воз и 17-годишно момче. Повредени се 12 лица, од кои осум се странски државјани.

Хрватската полиција денеска објави соопштение за несреќата во кое се наведува дека до судирот на возот дошло „од засега неутврдени причини“, како и дека повредените ирански државјани илегално влегле во Хрватска.
„Во петокот на 9 септември околу 21 часот и 30 минути во месноста Новска кај градот Рајиќ се случила железничка несреќа, односно патнички воз налетал на запрен товарен воз кој сообраќал од правец на Окучани – Новска. Во истрагата спроведена досега, предводена од окружниот државен правобранител во Сисак со стручна помош на претставници на Агенцијата за истражување на несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот транспорт, експерти од Хрватските железници, како и со соработка на полициски службеници, прибрани се информации дека засега од непотврдени причини патничкиот воз удрил во задниот дел од товарниот воз, кој бил запрен на тој дел од пругата поради можна неисправност“,
се вели во соопштението.
Во железничката несреќа, се додава во соопштението, загинаа три лица, а повредени се 11 патници кои патувале во патничкиот воз, а лекарска помош му е укажана и на машиновозачот на товарниот воз.
„Меѓу патниците во патничкиот воз имало и осум државјани на Иран, за кои на 9 септември е утврдено дека илегално влегле во Република Хрватска на подрачјето на Славонски Брод. По спроведената управна постапка согласно Кодексот за шенгенските граници и Законот за странци, издадени се налози за враќање со рок за напуштање на Европската економска зона во рок од седум дена. Решенијата им биле издадени пред железничката несреќа“,
се наведува во соопштението.
Товарниот воз е одвлечен од местотото на несреќата, а од правец на Окучани во секој момент се очекува да пристигне голем 120 тонски кран кој ќе се обиде да ги истурка остатоците од уништениот патнички воз.
Праговите на пругата ќе се менуваат, а реконструкцијата на шините нема да биде премногу тешка затоа што не е толку оштетена, за разлика од електричните водови што биле пробиени, а без тоа нема воспоставување сообраќај, информираат од Хрватски железници.