„Тоа е препознаено од сите граѓани, над 75 проценти се против ваквата иницијатива за референдум, а другите 25 отсто ги има бидејќи тие се членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во светот нема да најдете никаде некој што би бил против пријателство, добрососедство, соработка
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска соопштија дека според нивните истражувања над 60 отсто од Македонците би излегле да гласаат на референдумот.
На изјавата на Заев попладнево преку фејсбук-статус реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој повика доколку поранешниот премиер е убеден во поддршка од 75 отсто тогаш заедно со референдумот да се распишат предвремени парламентарни и претседателски избори
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија е препознаен од сите граѓани на земјава и над 75 отсто од нив се против иницијативата за одржување референдум за негово поништување, покрената од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ова денеска го изјави поранешниот премиер Зоран Заев во чиј мандат беше склучен Договорот одговарајќи на новинарски прашања на маргините на Конференција: „МКБГ2023: Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво“, на која свечено му беше доделена титулата почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) на Илхан Ќучук, европратеник и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска соопштија дека според нивните истражувања над 60 отсто од граѓаните би излегле да гласаат на референдумот.
„Тоа е препознаено од сите граѓани, над 75 проценти се против ваквата иницијатива за референдум, а другите 25 отсто ги има бидејќи тоа се членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во светот нема да најдете никаде некој кој би бил против пријателство, добрососедство, соработка. Нашиот македонски народ и сите етнички заедници во Северна Македонија нема да го поддржат тоа“,
рече Заев.
Поранешниот премиер истакна дека конечна цел и задача на сите, а најмногу на политичарите е да обезбедат иднина за својот народ, за целиот регион, за целиот европски континент и да дадат позитивен пример на светско ниво во политиката.
„Убеден сум дека нашето пријателство, добрососедство и соработка во иднина ќе биде пример и од тој аспект како поранешен градител на тоа пријателство, потписник на Договорот, испраќам порака до политичарите во Северна Македонија и во Бугарија да го негуваат пријателството и добрососедството“,
истакна Заев.
Тој изјави дека е горд не само на Договорот со Бугарија, туку и на Преспанскиот договор. Со нив, како што рече повторно ги изградивме нашите пријателства со соседите.
Прашан дали во земјава има политичка волја за измени во Уставот и за внесување на бугарското малцинство, Заев изрази верување дека има, нагласувајќи дека во нашиот Устав има седум етнички заедници, а дека со измените станува збор за впишување на наши граѓани со бугарска, црногорска и хрватска самосвест.
„Сметам дека тоа прашање, кое треба да се реши час поскоро. Хрватска која е земја членка на ЕУ на пример во нејзиниот Устав има 24 етнички заедници. Ние го разбираме бугарскиот Устав, тој е поразличен од нашиот Устав, е по линијата на Франција, САД и други, а ние сме мултиетничка земја и верувам дека тоа наскоро ќе го сториме и ќе чекориме кон отворање на поглавјата со ЕУ“,
кажа Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска и официјално ја поднесе до Собранието иницијативата за собирање потписи и почнување на референдумот.
Референдумот, потенцираат од оттаму, е можност народот да излезе и да го каже својот став.
„Според нашите истражувања над 60 проценти од Македонците би излегле да гласаат на истиот. Затоа е важно, власта да не го опструира бидејќи народот е тој кој што треба да одлучи“,
велат од партијата.
Од партијата, во соопштението, повторно ги нагласија причините заради кои бараат референдум против Договорот со Бугарија, односно дека тој е коренот на сите проблеми и негаторската политика кон Македонија.
„Договорот со Бугарија е основата за негација на македонскиот јазик, идентитет и историја од страна на Бугарија. Врз основа на него се повикува и Протоколот која антимакедонската СДС неодамна го усвои. Токму затоа референдумското прашање го напаѓа законот за ратификување на Договорот со Бугарија кој е усвоен во собранието и за кој што правно може да се организира референдум, а не францускиот предлог кој е надлежност на владата и само во еден негов дел се темели на Договорот со Бугарија. Со поништување на Договорот со Бугарија се поништува и членот 5 од францускиот предлог, а со тоа и негациите кон Македонија“,
стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
На изјавата на Заев попладнево преку фејсбук-статус реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој повика доколку поранешниот премиер е убеден во поддршка од 75 отсто тогаш заедно со референдумот да се распишат предвремени парламентарни и претседателски избори.
„Додека Македонија се уште е во непремостлива поделеност од предавството и се дави во асимилација заради лажно добрососедството, творецот на двете катастрофи, Зоран Заев е убеден дека 75 отсто од народот ги поддржувал овие обезличувачки, предавнички и асимилаторски зафати. Бидејќи газдата на Ковачевски и на Пендаровски и творецот на сите предавства Заев е убеден во поддршка од 75 отсто, ајде најскоро на терен да ја измериме вредноста и во ист ден да се распишат референдум, предвремени парламентарни и претседателски избори!“, пишува Стоилковски.
На предвремени парламентарни избори, што би се одржале заедно со евентуалниот референдум, пред два дена повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.