Набавката на опремата е финансирана од ЕУ како дел од континуирана поддршка за здравствениот сектор на Северна Македонија и солидарноста со земјата во борбата против пандемијата на ковид-19
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир и министерот за здравство на С Македонија, Беким Сали, денеска ја презентираа опремата за транспорт и складирање на вакцини против ковид-19 и други вакцини.
Набавката на опремата е финансирана од ЕУ како дел од континуирана поддршка за здравствениот сектор на Северна Македонија и солидарноста со земјата во борбата против пандемијата на ковид-19.

„Помошта ‘EU4Health’ е дел од пакетот од 70 милиони евра за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија во декември 2020 година. Од нив, 8,2 милиони евра се директна поддршка за Северна Македонија, само во форма на стотици илјади вакцини и опрема за олеснување на процесот на вакцинација, односно 58 фрижидери, 50 лаптопи, 1 000 медицински столчиња, 1 000 маси, 212 пластични сепаратори и 5 возила за транспорт на вакцини. Опремата што денеска ја презентираа амбасадорот Гир и министерот Сали ќе го олесни транспортот и складирањето и на вакцините против ковид-19 и на секаков вид вакцини“,
се наведува во соопштението од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Оттаму велат дека Европската Унија придонесе за механизмот Ковакс, со што го олесни пристапот до вакцини ширум светот.

„Солидарноста и грижата за Северна Македонија се покажа уште од почетокот на пандемијата на ковид-19 преку помошта и на здравствениот и на економскиот сектор со 241 милион евра. Итна помош беше доставена пролетта 2021 година и вклучуваше испорака на 25 вентилатори, 35.000 парчиња медицинска опрема и над 2 милиони парчиња лична заштитна опрема. Социо-економските последици беа паралелно ублажени преку поволни заеми (160 милиони евра) и грантови (64 милиони евра) за приватниот сектор за да се помогне да се задржат бизнисите и да се зачуваат работни места. Дополнително, ЕУ ја вклучи Северна Македонија во системот за дигитални сертификати за ковид-19 со што се олеснија ограничувањата во врска со ковид-19 за патување кон ЕУ“,
стои во соопштението.
Од Делегацијата на Европската Унија најавуваат нова помош за здравствениот сектор, односно дека ЕУ ќе инвестира дополнителни 18,5 милиони евра во здравствената заштита на мајките и новороденчињата, раната дијагностика и превенција на ракот и дигитализацијата на управувањето со здравствениот систем за да обезбеди попаметна употреба на јавните средства.
